26 април, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕОткриен еден од клучните причинители на леукемијa

Откриен еден од клучните причинители на леукемијa

O

Истото орудие со кое организмот се брани од инфекции, во исто време предизвикува и еден од најчестите облици на детската леукемија, покажува најново истражување.

Делови на имунолошкиот систем кои создаваат милиони антитела знаат да погрешат и да почнат да произведуваат клетки со тенденција да станат туморски.

Членови на британскиот тим што го спроведе новото истражување претставено во списанието „Nature Genetics“, се надеваат дека резултатите ќе им овозможат да сфатат зошто некои деца не реагираат на лекувањето, што би требало да доведе до нови терапии.

Пациентите кои боледуваат од леукемија создаваат абнормални крвни клетки, а акутната лимфобластична леукемија е најчест облик на рак на крвта.

Одбранбениот систем создава милиони различни антитела, меѓутоа информациите потребни за нивно производство се содржани само во делче на ДНК.

За да креира бројни видови антитела, ДНК мора да се пресложува, а некои делови мора да се бришат.

Меѓутоа, експертите од Институтот Сангер и Институтот за истражување рак во Лондон откриле дека истиот механизам што служи за пресложување на ДНК може да го зголеми ризикот од заболување од рак.

Во својата студија тимот врз примерок од 57 деца ја споредил ДНК во здравото ткиво со ДНК кај болните бели крвни зрнца. Во овој процес откриле две фази во развојот на болеста.

– Првата промена се случува пред раѓањето, меѓутоа леукемијата не се забележува се до возраста меѓу четири и десет години. Ова е поврзано со натамошни генетски промени, рече др. Петер Кемпбел од Институтот Сангер.

– Откривме дека секундарните генетски промени главно ги придвижуваат оние делови на ДНК кои во клетките ги избриша истата машинерија која клетките на имунолошкиот систем ги користи за создавање антитела, додаде тој.

Лекувањето на акутната лимфобластична леукемија е успешно во 85 отсто од случаите.

Меѓутоа, некои пациенти не реагираат доволно добро на терапии па туморските клетки се враќаат.

Британскиот тим се надева дека токму подоброто разбирање на секундарните генетски промени би можело да помогне да се разјасни проблемот на резистенција и да се пронајдат подобри терапии.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП