26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКомпаниите да воведат OHSAS 18001 за заштита при работа, порачува Стопанската комора

Компаниите да воведат OHSAS 18001 за заштита при работа, порачува Стопанската комора

ohsas

Заштита на компаниите од несакани трошоци, склучување подобри договори со осигурителните друштва, поголема продуктивност  на работниците преку минимизирање на несреќите/повредите и стекнување доверба кај странските партнери, се само некои од придобивките на OHSAS 18001 стандардот за управување со безбедноста и здравјето при работа.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, се уште е многу мал бројот на домашните фирми што го вовеле овој стандард, а нема и доволно консултанти кои би работеле на негова имплементација. Причините се различни, но не се од финансиска природа.

– Заштитата на вработените од аспект на здравјето и безбедноста треба да е императив и приоритет на секоја компанија. Токму OHSAS 18001 помага во управувањето со овој тип ризици, ги уверува бизнис партнерите дека компанијата става акцент на превентивното делување, а тоа ја подобрува целокупната слика за неа и привлекува инвеститори, истакна Емилија Тодоровска од Комората.

Во Велика Британија за две години бројката на OHSAS сертификати се зголемила од 31.500 на 54.000, додека во Хрватска за пет години 460 отсто повеќе компании го вовеле стандардот.

Спроведената анкета во вкупно 788 фирми од ЕУ покажува дека OHSAS ги зголемил трошоците за обуки, но бенефитот бил многу повисока безбедносна култура кај вработените.

– Компаниите треба јасно да го разберат балансот меѓу инвестирањето и подобрувањето, како и долготрајното враќање на бенефитот од воведувањето на овој стандард, напомена Тодоровска.

Според Комората, OHSAS 18001 испраќа порака дека компаниите управуваат со ризиците по здравјето и безбедноста на ефикасен и меѓународно верификуван начин. Трошоците за негово имплементирање се различни, зависно од типот и големината на фирмата. Многу побрзо, полесно и поевтино ќе го воведат оние што веќе имаат ИСО стандарди.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП