26 април, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕРевитализирајте го вашето тело со прирoдни сокови

Ревитализирајте го вашето тело со прирoдни сокови

Најздравиот начин да го ревитализирате вашето тело со витаминска бомба е преку природен домашно исцеден сок. Свежите сокови од овошје го чистат организмот од насобраните токсини, а соковите од зеленчук го регенерираат, додека заедно го зајакнуваат имунитетот.

Потребен е само соковник и добра волја, па чашата на здравјето ќе биде и чаша на задоволство.

СОК ОД ЈАБОЛКО

Сокот од јаболко содржи пектин кој ги чисти црниот дроб и цревата и ја обновува цревната флора. Ги апсорбира отровите од цревата и со тоа го олеснува прочистувањето на крвта и кожата, а исто така го подобрува и излачувањето на мокрачната киселина. Благодарение на изобилното количество витамини и минерали, сокот од јаболко ги чува срцето и крвните садови и го намалува нивото на холестерол во крвта. Сокот мора да биде 100% чист, без додаток на шеќер.

СОК ОД МОРКОВ

Сокот од морков содржи бета каротен, фолна киселина, витамини Ц, Б и Е (наречени уште и витамини на младоста), калиум, фосфор, магнезиум, калциум, па морковот е идеален помошник за зачувување на убавината на кожата, ноктите и косата. Богат е и со витамин А, кој го стимулира растот на клетките и нивната делба, ја нормализира размената на материите и хемиската рамнотежа во организмот, го зголемува имунитетот и го подобрува видот.

Препораки: Бидејќи во сокот од морков има доста шеќер, не треба да се пие во големи количини и најдобро е да се разреди во однос 1:1 со вода или со сок од друг зеленчук или овошје.

За освежување на организмот: во соковник се цедат два моркова, едно јаболко и парче целер.

За зајакнување на организмот: во соковник се цедат два моркова, две цвекла и еден лимон, а се додава малку магдонос, една лажичка сусам и една лажичка матичен млеч.

Се препорачува за пушачи за блокирање на канцерогените материи присутни во цигарата.

СОК ОД ДОМАТ

Сокот од домат содржи многу ликопен, кој штити од рак и од болести на срцето, но и ја штити кожата од штетните влијанија на УВ зрачењето. Исто така, содржи витамини Ц и Е, па се користи и за релаксација на нервите. Се користи чист сок од домат или разреден во однос 1:2 (еден дел чист сок и два дела вода).

СОК ОД ЗЕЛКА

Листовите на зелката содржат калиум, сулфур, железо, калциум и селен, кои штитат од рак, но и делуваат позитивно на желудочната и цревната слузокожа и спречуваат појава на чир, а ако тој веќе постои, влијаат поволно. Сокот од зелка изобилува со витамини Ц, Б и Е и провитамин А.

Препораки: Сокот од зелка има силен вкус, па се препорачува да се консумира со сок од јаболко или морков. Сличен состав има и кељот, па може да се користи како замена на зелката.

СОК ОД КОМПИР

Изобилува со витамини Ц, Б и К, како и со минерали калциум, калиум, железо и магнезиум. Поволно делува на органите за варење. Помага при хроничен гастрит, киселини, гасови, колитис, опстипација (нередовна столица).

Препораки: Може да се користи во комбинација со сок од зелка или морков. Важно е сокот од компир да се пие кога компирот е зрел и тоа од јули до февруари, бидејќи по тој период во ‘’ркулците и зелената лушпа се насобира отровна материја соланин.

СОК ОД ЦВЕКЛО

Содржи многу витамини и минерали, пред сè фосфор, калиум и сулфур, кои се битни за создавање на еритроцитите. Исто така содржи и магнезиум, па го зајакнува и нервниот систем. Поволно влијае на нарушен менструален циклус, климактерични тегоби, ревматизам и покачен крвен притисок. Одлично го прочистува организмот од отровни материи.

Препораки: Сокот од цвекло треба да се чува во фрижидер 3 часа пред употреба, бидејќи содржи супстанци кои предизвикуваат мачнина, а со чување во фрижидер тие супстанци исчезнуваат. Се препорачува да се пие по една чаша сок од цвекло дневно и тоа навечер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП