27 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИЕрјавец: Можен е компромис по прашањето за „Љубљанска банка“

Ерјавец: Можен е компромис по прашањето за „Љубљанска банка“

NLB

Словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец потврди дека ќе се сретне во Брисел со шефот на хрватската дипломатија Весна Пусиќ за да разговара за изнаоѓање компромисно решение во врска со „Љубљанска банка“.

– Можно е да се најде решение и словенечкиот Парламент да го ратификува договорот за членство на Хрватска во ЕУ, истакна Ерјавец.

Тој повтори дека Словенија не може да го ратификува договорот за Хрватска доколку процесите покренати пред хрватските судови против затворената словенечка банка не бидат прекинати. Во спротивно финансиските последици можат да бидат тешки за Словенија, бидејќи таа ќе треба да плати обештетувања за девизните заштеди меѓу 800 милиони и три милијарди евра, зависно од каматите.

Ерјавец нагласи дека прашањето за девизните заштеди е прашање поврзано со наследството на поранешна Југославија, додавајќи дека е можен компромис со Хрватска.

При распадот на поранешна Југославија околу 430.000 Хрвати имале депозити во словенечката „Љубљанска банка“, која банкротира во 90-тите години. Веднаш потоа Хрватска обештети две третини од штедачите во вредност од околу 270 милиони евра, па сега бара Словенија да и ја врати оваа сума.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП