27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦЕФТА ќе расправа за македонскиот условен увоз на пченица и брашно од...

ЦЕФТА ќе расправа за македонскиот условен увоз на пченица и брашно од Србија

cefta-kongres

ЦЕФТА денеска во Белград треба да одржи вонреден состанок на кој ќе се разгледува уредбата што ја воведе Македонија за условен увоз на пченица и брашно од Србија.

На состанокот македонската страна ќе ја застапува заменик министерот за економија Христијан Делев. Исходот се очекува попладне зашто, според агендата, разговорите ќе почнат во 14 часот.

Како што изјави вчера министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, заштитната мерка останува во сила до предвидениот рок, 31 декември 2013, и нема да претрпи никакви измени. Тој беше дециден дека, и покрај најавите, реципрочни мерки за македонските домати и вино од страна на Србија нема да има, пред се, поради цврстите аргументи за воведувањето на уредбата.

– Мерката не се однесува посебно за некоја држава, туку важи за сите земји. Изминатиот период имавме разговори со Србија која се јави како најзасегната страна. Искажавме аргументи со конкретни податоци и причини за воведување и тие се прифатени во целост. Заеднички е заклучокот дека до стабилизирање на пазарните услови и редовниот откуп на пченицата од годинешната реколта мора да се дојде за што е потребно да се применува мерката, истакна Димовски на прес-конференција.

Според ЦЕФТА договорот, појасни, ако се поремети домашниот пазар за одреден производ, државите членки имаат можност за заштитна мерка која ќе придонесе за регулирање на пазараните односи, и на понудата и побарувачката се до негово стабилизирање.

Димовски подвлече дека македонскиот пазар е либерален, но државата е обврзана, согласно Законот за земјоделство и рурален развој, да го заштити домашното производство.

На 10 јули, кога Димовски во Скопје имаше средба со српскиот министер за надворешна и внатрешна трговија Расим Љајиќ, МЗШВ соопшти дека македонската страна е подготвена за евентуална измена на времената заштитна мерка по надминување на нарушувањето на пазарот.

Димовски и Љајиќ се договорија за воздржување од воведување дополнителни мерки кои би ја оневозможиле непречената трговска размена со земјоделските производи.

Квалификувајќи ја македонската уредба како кршење на ЦЕФТА договорот, српската индустрија на брашно излезе со податоци дека од нејзиното воведување годишно трпи три милиони евра загуба. Пресметките на „Жито Војводина“, пак, соопшти комерцијалниот директор Здравко Шајатовиќ, покажуваат загуба од околу 600.000 евра месечно.

Србија годишно извесува 50.000 тони пченица и 45.000 тони брашно. Поради тоа српските стопанственици побараа реципрочни мерки.

Од 1 јули годинава потписнички на ЦЕФТА се Албанија, Македонија, Србија, БиХ, Црна Гора, Косово и Молдавија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП