2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПремиерот Груевски во посета на Казахстан

Премиерот Груевски во посета на Казахстан

GRUEVSKI.portret9

Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски денеска и утре ќе престојува во економско-политичка посета на Република Казахстан.  Во состав на делегацијата се  министерот без ресор, задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо.

Главен фокус на посетата е учеството на премиерот Груевски и македонската делегација на 6.Економски форум „Астана 2013“ кој претставува престижен економски собир на економски експерти, стопанственици, претприемачи и менаџери од големи бизнис конзорциуми и компании, професори, добитници на Нобеловата награда од сферата на економијата и претприемништвото, актуелни политичари и државници.

Економскиот форум „Астана 2013“ се одржува од 22 до 24 мај во главниот град на Република Казахстан, Астана.

Идејата за одржување на форумот потекнува од претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, а како соорганизатори се Владата на Казахстан, Обединетите нации, Суверениот фонд на Казахстан „Самрук Кажина” и Евроазискиот економски клуб на асоцијацијата на научници.

Целта на постоењето на самиот форум е размена на мислење за социо-економски прашања кои ќе бидат од помош и во функција на подинамичен и стабилен економски развој. Покрај тоа, заклучоците од самиот форум на кој присуствуваат истакнати стопанственици, научници и државници претставуваат одржливи препораки до владите на земјите учеснички, но и можност за промоција на стопанските потенцијали на државите на глобалната економска карта, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Груевски ќе се обрати на церемонијата на работното отворање, по што ќе следи пленарната сесија на 6-тиот Економски форум на кој се говори за економските трендови, како и за предизвиците од глобалната економска криза и чекорите кои се преземаат за нивно надминување. Со своја дискусија ќе настапат и претседателот на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, претседателот на 67-то заседание на Генералното собрание на ОН, Вук Јеремиќ, претседателот на Економско-социјалниот совет на ОН, Нестор Осорио, генералниот секретар на Конференцијата на ООН за трговија и развој, Супачаи Паничпакди, претседавачот на Бордот на Евроазиската економска комисија, Виктор Кристенко, претседателот на Исламската банка за развој, Ахмед Мохамед Али ал Мадани, професорот на Универзитетот Колумбија, добитник на Нобеловата награда за економија од 1999 година, Роберт Мундел, претседавачот на одборот и главен извршен директор на Sberbank на Русија, Херман Греф, како и генералниот потсекретар на ООН и раководител на Одделот за економски и социјални прашања, Ву Хонгбо.

Премиерот Груевски ќе се обрати и на вториот ден на самитот во рамки на Дијалогот на лидери кој ќе се реализира како дел од глобалниот економски форум. На оваа дискусија обраќање ќе имаат и премиерот на Казахстан, Серик Ахметов, поранешниот премиер на Република Италија и поранешен претседател на ЕК, Романо Проди, поранешните претседатели на Полска Александар Квашњевски и на Бугарија, Георги Прванов, претседателот на компанијата за електроника LG Бон Јон Ко, потпретседателот на ИБМ  Рос Мауири, меѓународни економски експерти како што е добитникот на Нобеловата награда за економија од 1996 година, Сер Џејмс Александар Мирлес, професорот по економија на Универзитетот во Калифорнија и добитник на Нобеловата награда за економија 2004 година, Фин Кајдланд и други релевантни експерти и стопанственици.

Премиерот Никола Груевски ќе оствари средба и со претседателот на одборот на Суверениот фонд на Казахстан „Самрук Кажина“, Умирзак Шукајев.  Владината делегација ќе оствари и повеќе политички средби со претставници и носители на функции од политичкиот живот на Република Казахстан.  Предвидена е билатерална средба со неговиот казахстански колега Серик Ахметов, како и работен појадок со претседателот на Република Казахстан, Нурсултан Назарбаев.

Средбите ќе бидат во функција на продлабочување на односите помеѓу Република Македонија и Република Казахстан, како и остварување разговори за зголемување на можностите за економската и трговската размена и соработка во полето на инвестициите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП