27 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОСтоилов и Македа нема да патуваат за Целје

Стоилов и Македа нема да патуваат за Целје

Ракометарите на Вардар викендов во Целје ќе го одиграат натпреварот од петтото коло во СЕХА лигата. Бранителот на титулата во досегашните пет одиграни натпревари забележа исто толку победи и е единствениот тим во регионалната конкуренција со максимален бодовен ефект.

„Нè очекува многу брз натпревар. Целје игра така секогаш кога е домаќин. Го гледавме сега нивниот мечот со Келце. Имаат и млади и поискусни играчи. Одбраната е интензивна со голем притисок. Очекувам тежок меч. Треба да се биде подготвен за сѐ, никогаш не знаеш како тие ќе играат. Може и да имаат нови комбинации. Треба да играме како и досега, сконцентрирани на она што нè очекува“, вели тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Шпанскиот стратег за дуелот со Целје покрај пикерот Рожерио Мораеш, кој се повреди во Лигата на шампионите против Барселона, нема да може да смета и на услугите на вториот пикер, капитенот Стојанче Стоилов, и на десниот бек Хорхе Македа.

„Ние сме европски прваци и треба така да се однесуваме, да сме мотивирани. Тие играат добро, играат со многу трчање, брзи напади и се надевам ќе го сопреме Млакар, нивниот најдобар играч, и дека ќе славиме во Словенија“, рече српскиот репрезентативец Мијајло Марсениќ.

Натпреварот меѓу Целје и Вардар е закажан за в сабота во 17:45 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП