26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИЈубилеј - 20 години ДХЛ Експрес Македонија

Јубилеј – 20 години ДХЛ Експрес Македонија

Незаменлив партнер на над 4000 компании и институции во Македонија во нивната меѓународна комуникација

dhl

Курирската компанија ДХЛ Експрес Македонија овој месец одбележува значаен јубилеј – 20 години од своето работење во Република Македонија. Од самиот почеток насочена кон иновации и воведување на нови технологии и нови услуги за своите корисници, ДХЛ Македонија денес е лидер на пазарот на експресната достава на пратки и логистика во Македонија, со пазарно учество во полето на курирскиот транспорт од 70%, пружајќи им секојдневна поддршка на над 4000 компании и институции во Македонија во нивната меѓународна комуникација.

Како рамноправен член на „Дојче Пост ДХЛ”, ДХЛ Експрес Македонија е основана со 100% странски капитал и претставува дел од светската мрежа на ДХЛ веќе две децении. На македонскиот пазар нуди широка лепеза на услуги во домашниот и меѓународниот транспорт, услуги кои се препознатливи и различни од останатите во оваа индустрија. Она што е особено значајно за големите пратки е тоа што од 2001 година па наваму, ДХЛ Експрес Македонија е дневно поврзан со меѓународната ДХЛ мрежа со сопствен карго авион со носивост од 4.5 тони, кој сообраќа 5 пати седмично од и кон Скопје, во сите работни денови. Благодарение на оваа инвестиција, корисниците од Македонија ги имаат на располагање стандардните транзитни перформанси (overnight delivery) како и во земјите од ЕУ, без разлика на големината и тежината на нивните пратки.

„Особена гордост и задоволство ми претставува прославувањето на нашата 20-та годишнина во Македонија. Пред точно 20 години, ДХЛ ја препозна потребата на македонските компании за квалитетен, брз и сигурен транспорт на нивните пратки. Оттогаш па се досега, ние и пристапуваме на работата одговорно, со голема страст, секојдневно и внимателно ги следиме променливите потреби на корисниците во Македонија и се трудиме во најбрз можен рок да го надополниме она што недостига, за македонските компании да можат да работат подобро, побрзо и поефикасно. Сето тоа придонесе голем број корисници да ни ја укажат нивната доверба, а ДХЛ и понатаму ќе се труди да ги задоволи нивните потреби, да го унапреди квалитетот на услугата и да го зголеми бројот на услугите кои моментално се нудат на пазарот“. –  изјави Радослав Нановиќ, генералниот директорот на ДХЛ Македонија.

ДХЛ Експрес Македонија има 59 професионално обучени вработени и располага со сопствен возен парк од 30 возила што овозможува непречено функционирање и апсолутно покривање на целиот востановен процес на работа, кој фунционира подеднакво во секој дел на мрежата на ДХЛ. За времетраењето на целиот процес пратките ниту за миг не излегуваат од ДХЛ дистрибутивниот систем, односно во секој момент може да се знае за статусот на пратките, каде се наоѓаат во одреден момент, и може да се добијат детални податоци за доставувањето на пратките, како и да се добие потврда за доставувањето.

Флотата на ДХЛ овозможува стандарден и најбрз рок на испорака на пратките од и кон Македонија, обезбедувајќи највисока безбедност на пратките. Царинскиот склад обезбедува сите увозно-извозни и транзитни процедури да се извршуваат брзо од професионалниот тим на ДХЛ Експрес Македонија, а благодарение на многукратно зголемениот складиштен капацитет и зголемените ресурси во одделението за царинско посредување, ДХЛ им пружа на своите корисници и широк спектар на логистички услуги, кои порано мораа да ги остваруваат со повеќе различни добавувачи.

Сервисниот центар, со инсталираните системи, подобрените работни процеси и заокружувањето на сите активности “под еден кров” овозможуваат скратување на времетраењето на земните процесни активности (ground operations), зголемен квалитет на царинско-посредувачките работи и зголемена безбедност. Во комбинација со подобрениот ред на летање на ДХЛ авионот (порано слетување наутро и подоцна полетување навечер), корисниците на ДХЛ во Македонија имаат значително подобрени дневни сервисни перформанси, т.е. расположивост на нивните увозни пратки порано во текот на денот, како и можноста за испраќање на извозните пратки до подоцна во текот на денот.

Потврда за квалитетот е и добиениот сертификат за квалитет ISO 9001:2000 (во 1998 година), ISO 14001:2004 за заштита на животната срединa и меѓународниот TAPA (Technology Asset Protection Association) сертификат највисокото признание за сигурноста и нивото на безбедност во  транспортот и логистиката. Во 2009, како и 2011/12 година успешната и квалитетна работа на ДХЛ Македонија беше препознаена и закитена со признанието „Супербренд“.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП