Д-р Златко Муцунски официјално се повлекува од функцијата генерален директор на „Порше Македонија“ по 21 година поминати на чело на компанијата и 34 години импресивна кариера во групацијата „Volkswagen“
Муцунски ја соопшти веста лично, преку објава на социјалната мрежа LinkedIn, каде што се осврна на бројките и спомените кои го одбележаа неговиот професионален пат.
„21 година. Повеќе од 50.000 автомобили. 34 години со групацијата Фолксваген. Цел живот полн со спомени…“, напиша Муцунски во својата изјава.
Тој сподели дека неговиот проштелен говор на Меѓународниот самит за менаџмент на големо на „Порше Холдинг“ во Задар бил исполнет со силни емоции, опишувајќи го моментот како круна на неговата долгогодишна посветеност. Во својата порака, Муцунски изрази длабока благодарност до раководството на „Порше Холдинг“, како и до сите свои колеги и партнери со кои соработувал низ децениите.
Што се однесува до причините за оваа голема одлука, долгогодишниот менаџер истакна дека е време за личен рестарт и пренасочување на приоритетите.
„Откако посветив 34 години од мојот живот на групацијата Фолксваген во Македонија, сега чувствувам дека дојде време да свртам нова страница – да уживам во животот, да прифатам нови искуства и, конечно, да посветам повеќе време на себе и на луѓето и работите што се најважни…“, додава тој.
Под водство на д-р Златко Муцунски, „Порше Македонија“ не само што испорача над 50.000 возила на домашните купувачи, туку го трансформираше искуството на сопственост на автомобили во земјата, воведувајќи ги највисоките глобални стандарди на брендовите како Volkswagen, Audi, Škoda, Seat и Porsche. Неговото заминување остава силен печат и високо поставени стандарди за неговиот наследник во автомобилската индустрија.