КОМПАНИИ

Шефот на „Nvidia“ најави планирани инвестиции од 2 милијарди долари во Европа

Извршниот директор на „Nvidia“, Џенсен Хуанг, најави планови за инвестирање 2 милијарди долари во европски проекти за време на неговата посета на регионот, која вклучуваше и средба со францускиот претседател Емануел Макрон, објави „Bloomberg“.

Новата инвестиција се надоврзува на 8 милијарди долари што компанијата ги вложила на европскиот континент во текот на изминатата година, изјави Хуанг. Тој најави и ново финансирање за француските стартап-компании „Doctolib“, „Genesis AI“, „Pigment“ и „Entalpic“.

Хуанг, чија компанија е најголемиот производител на чипови за вештачка интелигенција, вети инвестиции во вредност од стотици милијарди долари ширум светот со цел да ја забрза примената на AI-технологијата и да ја зголеми побарувачката за своите производи.

Тој пристигнува во Европа во период кога технологијата се соочува со сè посилен отпор во јавноста. Загриженоста, која се движи од можноста AI-моделите да излезат од контрола до влијанието врз животната средина на енергетски интензивните центри за податоци, ги засилува повиците за ограничување на развојот. Европа и Обединетото Кралство настојуваат да имаат улога во заштитата на светот од можните штетни последици од вештачката интелигенција.

„Европа мора да се вклучи во трката“, изјави Хуанг на настан во Париз, на првиот ден од неговата турнеја, во рамки на која ќе ги посети и Лондон и Берлин.

Хуанг ги отфрли повиците за забавување на развојот на вештачката интелигенција, оценувајќи дека таа ќе ја поттикне економијата и дека може да се развива безбедно. Раководителите на некои компании од секторот за вештачка интелигенција, меѓу кои и извршниот директор на „Anthropic“, Дарио Амодеи, и шефот на „OpenAI“, Сем Алтман, размислуваат како да го регулираат темпото на развој на технологијата по неколку инциденти предизвикани од AI-агенти, кои привлекоа големо медиумско внимание.

Акциите на „Nvidia“, највредната компанија во светот според пазарната капитализација, во средата во Њујорк поскапеа за речиси еден процент, достигнувајќи 228,52 долари. Нивната вредност од почетокот на годината е зголемена за 23 проценти.

За време на средбата со Макрон, двајцата разговарале за инвестициите на „Nvidia“ во Франција, софтверот со отворен код и безбедноста на вештачката интелигенција, соопшти компанијата.

Основачот на „Nvidia“ ги промовира моделите со отворен код, кои можат да бидат поевтини за користење и полесни за приспособување, како начин Европа да го намали заостанувањето зад понапредната AI-технологија во САД. „Nvidia“ е клучен партнер на француската компанија „Mistral AI“, која развива модели со отворени тежини. Кај овој вид софтвер, програмерите ги објавуваат параметрите на моделот, односно неговите тежини, со што им овозможуваат на другите слободно да ја користат и да ја менуваат технологијата.

„Nvidia“ инвестира во „Mistral“ и обезбедува чипови за забрзување на обработката на вештачката интелигенција во центрите за податоци на стартап-компанијата. Најновиот модел на „Mistral“ бил обучен со помош на 4.000 чипови „Grace Blackwell“.

„Моделите со отворен код се важни бидејќи можат да се приспособат на различни јазици и на потребите на вашиот сопствен технолошки суверенитет“, изјави Хуанг.

Во рамки на своите најнови инвестиции, Хуанг го поттикнува создавањето и примената на модели со отворен код. Неговата цел е да ја прошири употребата на вештачката интелигенција во глобалната економија и да ја намали зависноста од производите на мал број многу големи компании.

„Doctolib“ е една од најпознатите стартап-компании во Франција. Основана во 2013-та година, таа им помага на лекарите и медицинските работници во административните задачи и стана важна платформа за многу пациенти во Европа при закажувањето лекарски прегледи.

Претходно оваа година, вработени и рани инвеститори продадоа акции на компанијата во вредност од околу 300 милиони евра. Според „Bloomberg“, секундарната продажба на акциите ја проценила вредноста на „Doctolib“ на 3,6 милијарди евра, што претставува значително намалување во однос на последната јавно објавена процена од 5,8 милијарди евра во 2022-ра година, по зголемувањето на капиталот.

„Pigment“ развива деловен софтвер заснован на вештачка интелигенција, додека „Entalpic“ ја користи оваа технологија за истражувања во областа на хемијата и материјалите.

„Genesis AI“ се фокусира на примената на вештачката интелигенција во роботиката. Шефот на „Nvidia“ предвидува дека физичката вештачка интелигенција, во форма на хуманоидни роботи, ќе биде следниот огромен пазар за неговата технологија.