КОМПАНИИ

„Schneider Electric“ прави голем чекор во вештачката интелигенција со преземање од 22 милијарди долари

„Schneider Electric“ се договори за преземање на компанијата за индустриски софтвер „PTC“ за околу 22,6 милијарди долари, засилувајќи ги напорите да го искористи бумот во областа на вештачката интелигенција преку својата најголема аквизиција досега, објавува „Bloomberg“.

Францускиот конгломерат ќе ја преземе „PTC“, со седиште во Бостон, за 205 долари по акција во целосно готовинска трансакција, која се очекува да биде завршена до третиот квартал на 2027-ма година, се наведува во соопштението објавено во понеделникот. Тоа претставува премија од повеќе од 40 отсто во однос на последната затворена цена на акциите на „PTC“, наведува „Schneider“.

Во изминатите месеци компанијата се шири преку преземања, во обид да го искористи забрзаниот тренд на модернизација на фабриките, бидејќи производителите сè почесто воведуваат вештачка интелигенција за подобрување на ефикасноста и оптимизација на процесите.

„Schneider“, како и европските конкуренти „Siemens“ и „ABB“, се обидува да профитира и од растечките инвестиции во центрите за податоци, кои се во основата на бумот на вештачката интелигенција и придонесуваат за зголемување на бројот на зделки во целиот сектор.

Европа заостанува зад САД и Кина во областа на потрошувачката вештачка интелигенција, но располага со богатство од податоци и експертиза во производството и преработувачката индустрија, која се гради повеќе од еден век.

Во јуни „Schneider“ се договори за купување на компанијата за индустриски софтвер „Cognite“ во целосно готовинска трансакција вредна 3,1 милијарди долари, а минатиот месец го објави и преземањето на бугарската компанија за паметни уреди за домаќинства „Shelly Group“ за 1,2 милијарди евра.

„Нашата стратегија е да го развиваме ‘Schneider’ на што е можно пооргански начин, но секогаш кога ќе откриеме одлични технолошки компании кои ни помагаат да ја забрзаме таа стратегија, секако ќе ја разгледаме можноста“, изјави извршниот директор Оливие Блум за „Bloomberg TV“.

„Schneider“ соопшти дека околу 22 милијарди евра во готовина за преземањето на „PTC“ се обезбедени преку мостово финансирање од „Morgan Stanley“ и „Société Générale“.

Се очекува трансакцијата да биде финансирана преку комбинација од издавање акции во вредност до 6 милијарди евра и издавање нови должнички инструменти во вредност до 17 милијарди евра.

„Од стратешка гледна точка, зделката пополнува една од преостанатите празнини во софтверското портфолио на ‘Schneider’“, напиша во својата анализа аналитичарот на „Jefferies“, Лукас Ферхани.

Акциите на „PTC“ поевтиниле за околу 30 отсто во последните 12 месеци, со што пазарната вредност на компанијата изнесува околу 15,6 милијарди долари. „Schneider“ има пазарна вредност од околу 175 милијарди евра.

„Autodesk“ покажувал интерес за „PTC“ во јули минатата година, со понуда за трансакција со комбинација од готовина и акции, но на крајот се откажал од зделката и се определил за стратегија на помали преземања, објави тогаш „Bloomberg News“.

„Morgan Stanley“ е главен финансиски советник на „Schneider“ за трансакцијата, додека „Evercore“ е советник на „PTC“.