КОМПАНИИ

Растот на „Levi’s“ забави по погрешната стратегија со широките фармерки

„Levi Strauss & Co.“ забележа најбавен раст на своите директни продажни канали кон потрошувачите од крајот на 2022-ра година, делумно поради грешка во маркетинг-стратегијата, но истовремено ја зголеми прогнозата за годишната добивка, објави „Bloomberg“.

Приходите од сопствените продавници и веб-страницата на „Levi’s“ пораснале за 2 отсто во третото тримесечие, кое заврши на 30-ти август, што претставува значително забавување во споредба со растот од 11 отсто во претходното тримесечие. Приходите од 1,6 милијарди долари за периодот се во согласност со просечната прогноза собрана од „Bloomberg“.

„Levi’s“ исто така ја зголеми прогнозата за годишната добивка по акција, без да се земат предвид одредени ефекти.

„Генерално, нашиот бизнис со директни продажби кон потрошувачите не ги исполни нашите очекувања, што во голема мера се должи на послабите трендови во посетеноста и во САД и во Европа“, изјавила главната извршна директорка Мишел Гас во интервју.

Цената на акциите на компанијата годинава се намалила за 5,9 отсто до затворањето на берзата во средата, додека индексот „Russell 1000“ пораснал за 14 отсто во истиот период.

Во САД, дел од проблемот била рекламната кампања на „Levi’s“ за почетокот на учебната година, која се фокусирала на широките фармерки, наместо на моделите со низок струк.

„Нашата кампања беше целосно насочена кон широките модели“, рекла Гас.

„Широките модели сè уште се многу голем и важен дел од нашиот бизнис, но голем дел од ентузијазмот и енергијата на пазарот беа насочени кон моделите со низок струк“, додала таа.

Компанијата очекува растот на директните продажби кон потрошувачите во тековното тримесечие, кое опфаќа дел од клучната празнична сезона, да изнесува меѓу 4 и 6 отсто.

Гас изјавила дека резултатите се подобриле откако компанијата ја променила маркетинг-стратегијата за да се фокусира на фармерките со низок струк. „Levi’s“ исто така го преструктурирала асортиманот во своите продавници за да се усогласи со овој тренд.

Откако во 2024-та година стана главна извршна директорка на „Levi’s“, Гас се фокусирала на проширување на производниот асортиман на истоимената марка и на давање приоритет на сопствените продажни канали на компанијата.

Оваа стратегија во голема мера се покажала успешна, при што „Levi’s“ ја зголемила прогнозата за целата година и во двете претходни тримесечија.

Компанијата очекува годинава повторно да инвестира 60 милиони долари од вратените царински давачки во својот бизнис, од кои 35 милиони долари ќе бидат вложени во четвртото тримесечие.

„Враќањето на царинските давачки придонесе за добивката во ова тримесечие, но фактот што ‘Levi’s’ има намера дел од неочекуваната добивка повторно да го инвестира во бизнисот е значаен, бидејќи компанијата очигледно гледа дополнителен потенцијал за зголемување на продажбата“, напишал во е-пошта Нил Саундерс, извршен директор на „GlobalData“.

„Сепак, со оваа заложба ќе биде важно ‘Levi’s’ да прикаже нешто поимпресивни резултати за да ја заврши годината“, додал тој.

Компанијата со седиште во Сан Франциско неодамна го назначила Џон Вандемор од „Skechers USA“ за главен финансиски директор. Тој ќе го замени досегашниот директор Хармит Синг, кој ја напушта функцијата.