КОМПАНИИ

„Puma“ ја подобри прогнозата за оперативната загуба во 2026-та

Германскиот производител на спортска облека „Puma“ го стесни распонот на прогнозата за оперативната загуба во 2026-та година, благо намалувајќи ја нејзината средна вредност, во услови на слаба потрошувачка побарувачка. Сепак, продажбата на компанијата во третото тримесечје ги надмина пазарните очекувања, објави „Reuters“.

„Puma“, која се обидува повторно да ја зајакне привлечноста на својот бренд за да може поуспешно да им конкурира на поголемите ривали „Adidas“ и „Nike“, се соочува со слаба побарувачка и зголемени залихи во продавниците за спортска опрема, преку кои остварува најголем дел од продажбата.

Компанијата сега очекува оперативна загуба од 80 до 130 милиони евра во 2026-та година, во споредба со претходната прогноза, која предвидуваше загуба од 50 до 150 милиони евра.

Оперативната загуба на „Puma“ во третото тримесечје изнесувала 11,4 милиони евра, наспроти добивката од 16,2 милиони евра во истиот период минатата година. Резултатот е и нешто послаб од просечната прогноза на аналитичарите, кои очекувале загуба од 10 милиони евра.

Во резултатот е вклучен позитивен ефект од 29,8 милиони евра поради враќање на американските царини, како и еднократни трошоци од 11,7 милиони евра поврзани со програмата на компанијата за подобрување на трошочната ефикасност, се наведува во соопштението.

„Нашите резултати за третото тримесечје беа во согласност со очекувањата, додека продолживме да ја водиме „Puma“ низ оваа преодна година, истовремено поставувајќи ги темелите за иден раст“, изјави генералниот директор Артур Хелд.

Аналитичарите на „Jefferies“ забележаа дека резултатите и натаму укажуваат на „сложен процес на враќање на привлечноста“ на брендот „Puma“ кај потрошувачите, додека компанијата се обидува повторно да го воспостави растот. Акциите на компанијата поскапеа за шест проценти на почетокот на тргувањето.

„Puma“ инвестира во рекламирање за да го зајакне својот бренд и работи на подобрување на репутацијата како производител на спортска облека и опрема за врвни спортски достигнувања, особено во областа на трчањето, каде што компанијата развива нови технологии за своите обувки.

Кварталната продажба на компанијата е намалена за пет проценти, на 1,77 милијарди евра, но сепак малку ги надминала пазарните очекувања од 1,75 милијарди евра. Залихите се намалиле за 24,3 проценти, на 1,6 милијарди евра, поради помалите количини на набавки.

„Можеби единствениот охрабрувачки фактор денес е намалувањето на залихите на ниво што веќе е под целта што се очекуваше да биде достигната до крајот на оваа година“, се наведува во белешката на „Jefferies“ до инвеститорите.