КОМПАНИИ

„Pandora“ ги зголеми прогнозите и го забрзува лансирањето нови производи

Производителот на накит „Pandora“ во средата малку ги зголеми краткорочните цели за приходите и профитабилноста, наведувајќи дека очекува раст на побарувачката благодарение на новите колекции и преминувањето кон производи со платинска облога.

Акциите на компанијата, со кои се тргува на берзата во Копенхаген, беaжат раст од 11 отсто до 15:30 часот, надминувајќи го општоевропскиот индекс STOXX.

Во обид да ги задржи достапните цени на својот бренд, „Pandora“ го зaбрзува лансирањето нови производи и поголем дел од маркетиншките активности ги префрла на интернет. Компанијата продолжува и со транзицијата кон накит со платинска облога, најавена во февруари, со цел да го ограничи влијанието на високите цени на среброто врз производствените трошоци за нараквиците од чисто сребро.

„Ја прошируваме нашата понуда со повеќе дизајни и стилови, истовремено обновувајќи ги традиционалните и класичните модели“, изјави за „Ројтерс“ главната извршна директорка на „Pandora“, Берта де Паблос-Барбие.

Накитот со платинска облога се пробива на нови пазари

Цените на среброто паднаа од јануарскиот максимум од 121 долар за тројунца на околу 50 долари за тројунца, но и понатаму се повисоки од историскиот просек.

Платината е поскапа од среброто, но „Pandora“ користи многу помало количество за нанесување облога врз јадро од метална легура. Тоа ја прави крајната цена попредвидлива и го намалува притисокот врз профитните маржи.

По пилот-проектот за накит со платинска облога во Холандија, „Pandora“ во средата објави дека ќе ја прошири продажбата на оваа линија на нови пазари, меѓу кои САД, Велика Британија и Австралија.

Пилот-проектот „потврди дека нашите првични претпоставки за прифаќањето од страна на потрошувачите се покажаа како точни“, изјави де Паблос-Барбие.

Намалувањето на маркетиншките трошоци ја подобрува профитабилноста

„Pandora“, чии нараквици со приврзоци се продаваат по цени што почнуваат од 80 долари, соопшти дека очекува органски раст на продажбата од два до три отсто во 2026 година, во споредба со прогнозата од август, кога предвидуваше раст од нула до три отсто.

Органските приходи на компанијата во третото тримесечје се зголемиле за шест отсто, достигнувајќи 6,69 милијарди круни (една милијарда долари). Тоа е над просечната прогноза од 6,58 милијарди круни, според анкетата меѓу аналитичарите што ја објави „Pandora“.

Компанијата соопшти дека намалувањето на промотивните активности придонело за подобрување на оперативната профитна маржа во тримесечјето, која достигнала 15,9 отсто, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите од 13,1 отсто.

За целата година, „Pandora“ очекува оперативна профитна маржа од 22,5 до 23 отсто, во споредба со претходната прогноза од 22 до 23 отсто. За 2027-ма година, компанијата предвидува маржа од 14 до 15 отсто, по вклучувањето на еднократните трошоци.