БАНКИ

НЛБ предлага втора исплата на дивиденда годинава од 138,4 милиони евра, акционерите ќе одлучуваат и за “сплит” на акциите

Акционерите на словенската Нова Љубљанска банка д.д. (НЛБ) ќе гласаат за дополнителната распределба на добивката за 2025 година и предлогот за поделба на акциите на 47-то општо собрание, кое е планирано за средината на декември. Управата и Надзорниот одбор предлагаат да се исплати дивиденда од вкупно 138,4 милиони евра, односно 6,92 евра бруто по акција, на 22 декември, се наведува во соопштението на банката на деловната мрежа Linkedin.

Тоа би била втората исплата на дивиденда на НЛБ оваа година. На 23 јуни, банката исплати ист вкупен износ, така што двете исплати заедно би достигнале 276,8 милиони евра, што одговара на 55 проценти од нето добивката на НЛБ за 2025 година. Предлогот ќе им биде испратен на акционерите на гласање.

На собранието на акционери ќе се дискутира и за поделбата на акциите. Предлогот е постојниот акционерски капитал од 200 милиони евра, поделен на 20 милиони акции без номинална вредност, да се распредели на 100 милиони акции. Акционерите на тој начин би имале поголем број акции, додека нивните права би останале непроменети. Промената нема да влијае на имателите на глобални депозитарни потврди (GDR): нивната цена и бројот на сертификати би останале исти.

„Пред нешто помалку од осум години, на 14 ноември 2018 година, акциите на НЛБ почнаа да се котираат по цена од 51,50 евра. Вчера, на 3 ноември 2026 година, тргувањето заврши по цена од 209 евра. Ова го одразува значајниот напредок што НЛБ и Групацијата го постигнаа во текот на годините, како и довербата на инвеститорите во нашиот бизнис“, изјави претседателот на Управниот одбор на НЛБ, Блаж Бродњак.

Според него, поделбата, заедно со пониската цена на поединечните акции, би можела да ги направи подостапни и да го олесни тргувањето, што би отворило простор за НЛБ кон поширока база на мали и институционални инвеститори во Љубљана, Лондон и други пазари.

Бродњак го оцени предлогот како практичен чекор што би им обезбедил на инвеститорите поголема флексибилност и би ја поддржал амбицијата на банката да го зајакне своето присуство на пазарите на капитал.