КОМПАНИИ

Монтеко започнува нова традиција со признанието „Вински витез“

Винаријата „Монтеко“ од оваа година започнува нова традиција, доделување на почесно признание „Монтеко вински витез“ на луѓето што оставиле значајна трага во развојот и успехот на оваа винарија. Станува збор за посебно одликување што ќе го добијат избраните вински витези  

Почесната титула е наменета за трајни или исклучително значајни заслуги во развојот и афирмацијата на „Монтеко“. Таа ќе се доделува на создавачи и промотори на виното, деловни партнери и соработници, како и на јавни личности од општествениот живот кои придонеле за препознатливоста на винаријата и за унапредувањето на винската култура, гастрономијата и туризмот кои се поврзани со овој бренд.

– Со ова признание, сакаме да им оддадеме почит на оние што се нераскинлив дел од успешната приказна на „Монтеко“, односно на луѓето кои со својата работа и посветеност помогнале винаријата да го гради својот идентитет, да ги реализира своите амбиции и да го унапредува винскиот сектор во земјава. Тоа е наш начин за да ја искажеме нашата благодарност кон оние што се најзаслужни за трајните вредности што ги создава оваа винарија – велат од „Монтеко“.  

Првото доделување на почесното признание ќе се одржи со гала свеченост на 20 ноември 2026 година во English Pub Corner, на Градскиот стадион во Скопје, каде што директорот на винаријата лично ќе им додели медали на пет личности. Секое од петте одликувања ќе го истакне конкретниот придонес и ќе ја изрази благодарноста на винаријата за соработката и поддршката. Имињата на добитниците ќе бидат запишани во Витешката книга на „Монтеко“, со што нивните заслуги ќе останат дел од историјата што ја создава винаријата.

Од „Монтеко“ истакнуваат дека првото доделување на признанието „Монтеко вински витез“ ќе ги постави темелите на една убава традиција што ќе се негува и во иднина. За „Монтеко“, тоа е начин да ги зачува и вреднува исклучителните соработки и да го истакне уверувањето дека луѓето што придонесуваат за нејзиниот успех заслужуваат трајно признание.