„Rimac“ ќе го запре производството на својот електричен хиперавтомобил „Nevera“ до крајот на оваа година.
Ова го соопшти извршниот директор на компанијата, Мате Римац, кој во објава на социјалните мрежи откри дека уште 10 примероци од моќниот модел „Nevera R“ во моментов се во завршна фаза на склопување и тестирање, пред да им бидат испорачани на нивните сопственици.
На крајот, вкупниот број произведени автомобили од овој модел ќе биде приближно половина од првично планираниот. Засега не е познато дали „Rimac“ има намера да продолжи со развој на сопствени електрични автомобили наменети за јавните патишта.
Приказната за хиперавтомобилот започна во 2018-та година, со премиерата на концептниот модел „C_Two“, додека производството на верзијата наменета за јавните патишта започна во 2022-ра година.
Тогаш компанијата си постави цел да произведе 150 суперавтомобили. Сепак, според извршниот директор, досега сопственици нашле само 71 примерок – 51 од стандардната верзија „Nevera“ и 20 од помоќната изведба „Nevera R“.
Мате Римац изјави дека смета оти „Nevera“ ја исполнила својата намена, станувајќи, меѓу другото, најпродаваниот електричен суперавтомобил во светот.
Покрај тоа, проектот „Nevera“ одигра клучна улога во подемот на „Rimac“ и достигнувањето на нејзиниот сегашен статус. На пример, преку партнерството со „Bugatti“, компанијата директно учествува во развојот на хиперавтомобилот „Tourbillon“. Нејзината подружница „Rimac Technology“, пак, се етаблираше како значаен добавувач на иновативни компоненти за електрични возила. Овие компоненти денес се користат, меѓу другото, и во новите модели на „BMW“.
Основната верзија на „Rimac Nevera“ е опремена со погонски систем со четири електромотори, кои развиваат вкупна моќност од 1.914 коњски сили и вртежен момент од 2.360 њутнметри. Автомобилот забрзува од нула до 100 километри на час за само 1,81 секунда.
Верзијата „Nevera R“, наменета за возење на патека, има зголемена моќност од 2.107 коњски сили.
Електричниот автомобил држи десетици светски рекорди, меѓу кои и рекордот за најбрзо забрзување до 400 километри на час, проследено со целосно запирање.
Дополнително, во 2023-та година „Rimac Nevera“ стана најбрзиот сериски електричен автомобил на патеката „Нирбургринг“.