„Marvell Technology“ постигна договор за преземање на производителот на оптички компоненти за центри за податоци „Lumentum Holdings“, со проценета вредност на компанијата од 115 милијарди долари.
Со тоа, договорот станува едно од најголемите технолошки спојувања во историјата, во трката за искористување на придобивките од бумот на вештачката интелигенција, објавува „Bloomberg“.
Трансакцијата, која целосно ќе биде реализирана со акции, ќе им обезбеди на акционерите на „Marvell“ 67 отсто од сопственоста во обединетата компанија, се наведува во соопштението со кое се потврдуваат претходните информации на „Bloomberg News“ дека двете компании од Силициумската Долина се пред склучување договор.
Од аспект на капиталот, ова е најголемата трансакција за спојување и преземање во текот на оваа година и најголема во историјата на глобалниот технолошки сектор, ако се исклучи спојувањето меѓу „SpaceX“ и „xAI“, покажуваат податоците собрани од „Bloomberg“.
Договорот покажува како вештачката интелигенција ги поттикнува деловните трансакции во речиси сите главни сектори и региони – од производителите на чипови и другите специјализирани технолошки добавувачи до операторите на центри за податоци и енергетските компании.
Акциите на „Lumentum“ во петокот ја завршија трговијата по цена од 840,70 долари, што претставува раст од 128 отсто од почетокот на годината. Со тоа, пазарната капитализација на компанијата со седиште во Сан Хозе достигна околу 76 милијарди долари. „Marvell“, чии акции поскапеа за 131 отсто од почетокот на годината, во петокот беше проценета на 172,2 милијарди долари.
„Lumentum“ произведува ласери и други оптички технологии за пренос на огромни количества податоци со голема брзина. Овој хардвер е во основата на бумот на вештачката интелигенција, бидејќи им овозможува на центрите за податоци и телекомуникациските компании да пренесуваат информации меѓу сервери, објекти и други дестинации.
„Marvell“ веќе купува ласерска технологија од „Lumentum“, а поголемата компанија сè повеќе се насочува кон оптичките и фотонските технологии за поврзување на опремата во центрите за податоци. Претходно оваа година, „Marvell“ го презеде производителот на фотонска опрема „Celestial AI“.
Во март, „Nvidia“ објави договор за стекнување удел во „Lumentum“ во вредност од две милијарди долари, како дел од поширок договор што вклучува соработка во областа на фотониката. Оваа технологија користи светлина наместо традиционалните бакарни кабли за побрз и поефикасен пренос на податоци.
„Marvell“ соработува и со облачниот оддел на „Amazon.com“ и со „Microsoft“ на развојот на прилагодени чипови за вештачка интелигенција. Во август, компанијата склучи договор за производство на чипови со „Google“, дел од „Alphabet“, за поддршка на тензорските процесорски единици на „Google“.