Гигантот во индустријата за луксузни стоки „LVMH“ објави послаб од очекуваниот органски раст на продажбата, бидејќи побарувачката за неговите модни брендови и производи од кожа, меѓу кои „Louis Vuitton“ и „Dior“, се влошила поради слабата побарувачка од Кина, објави „Reuters“.
Извештајот на најголемата компанија за луксузни стоки во светот, воедно и првиот голем играч во секторот што ги објавува резултатите за третото тримесечје, веројатно ќе ја зголеми загриженоста дека луксузната индустрија, проценета на 350 милијарди долари, која бележи пад веќе три години, нема да успее да го врати претходниот замав.
Органската продажба, која не ги вклучува ефектите од валутните флуктуации, пораснала за еден процент во споредба со истиот период лани, достигнувајќи 18,5 милијарди евра. Сепак, резултатот не ги исполнил очекувањата на аналитичарите, кои предвидувале раст од 1,3 проценти, според консензусната процена на „Visible Alpha“.
Секторот за мода и кожни производи, кој остварува речиси половина од приходите на компанијата, забележал пад на органската продажба од пет проценти, додека очекувањата биле за намалување од 1,8 проценти.
Водечките европски компании за луксузни стоки од почетокот на годината изгубиле околу 330 милијарди евра од својата пазарна вредност. Само „LVMH“ загубила околу 40 проценти од вредноста.
Продажбата во Азија, каде што доминира Кина, се намалила за пет проценти во споредба со истиот период минатата година, додека продажбата во САД пораснала за пет проценти.
„Конкретно во третото тримесечје, Азија беше погодена од наглото влошување на макроекономските показатели и расположението на кинеските потрошувачи, што имаше значително влијание врз трошењето за производи и услуги што не се од основна потреба“, изјавила финансиската директорка Сесил Кабани пред аналитичарите.
Даночните мерки на Кина насочени кон богатите граѓани станаа уште еден проблем за луксузните брендови, кои веќе се соочуваат со последиците од војната во Иран и со знаците за забавување на потрошувачката во САД.
Во секторот за мода и кожни производи на „LVMH“ доминира „Louis Vuitton“, најголемиот бренд на компанијата. Тој се најде на удар на остри критики во Кина поради спор за авторски права со синџирот чајџилници „Molly Tea“, кој користел лого што наликува на цветниот мотив од познатите чанти на „Louis Vuitton“.