ЗДРАВЈЕ

Лекар открива која храна може да помогне во намалувањето на масните наслаги на стомакот

Масните наслаги околу половината може да укажуваат на зголемено количество висцерални масти, кои се таложат околу внатрешните органи и се поврзуваат со поголем ризик од срцеви заболувања.

Интернистот Мајкл Азиз предупредува дека вишокот маснотии на стомакот го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар.

Иако генетиката има одредено влијание, правилната исхрана и редовната физичка активност можат да помогнат во намалувањето на здравствените ризици. Затоа Азиз издвојува неколку намирници што можат да придонесат за намалување на масните наслаги на стомакот и зачувување на здравјето на срцето.

Посни протеини

Пилешките гради, рибата и растителните извори на протеини можат да го продолжат чувството на ситост и да помогнат во контролирањето на внесот на калории.

Азиз наведува дека исхраната богата со протеини може да ја зголеми потрошувачката на енергија за време на варењето, но предупредува дека не треба да се претерува со нивниот внес.

Американското здружение за срце посочува: „Заситените масти можат да го зголемат нивото на холестерол во крвта и да го зголемат ризикот од срцеви заболувања“.

Затоа, посното месо, тофуто и темпехот се добар избор, пишува „New York Post“.

Овошје и зеленчук

Азиз советува да се консумира зеленчук богат со растителни влакна, кој создава чувство на ситост, а содржи релативно малку калории.

Тој особено препорачува зелена салата во комбинација со протеини и здрави масти, како и бобинки. Според неговите препораки, овошјето со помала содржина на шеќер може да биде дел од урамнотежената исхрана.

Универзитетот „Харвард“ меѓу корисните избори ги наведува и јаболката, цитрусното овошје, црешите и праските.

Здрави масти

„Мастите се исклучително важни во процесот на слабеење“, истакнува Азиз.

Тој објаснува дека умереното внесување здрави масти може да го продолжи чувството на ситост и да помогне во контролирањето на апетитот.

Како добри извори ги препорачува маслиновото масло, авокадото и јаткастите плодови, кои содржат незаситени масти. Сепак, нагласува дека е важно да се внимава на големината на порциите.

Вода и пијалаци без додаден шеќер

Азиз препорачува да се пие доволно вода, а во умерени количества и зелен чај и кафе.

Според него, кофеинот може привремено да го забрза метаболизмот, но тоа само по себе не е доволно за слабеење.

Тој советува и намалување на внесот на рафинирани јаглехидрати и додадени шеќери, со акцент на создавање долгорочни и одржливи навики во исхраната.