„Intel“ договорила преземање на израелскиот стартап „Classiq Technologies“, во рамките на напорите да го искористи потенцијалот на квантното пресметување – сè уште нова област во која се бараат практични комерцијални примени, објави „Bloomberg“.
Производителот на чипови ќе плати околу 2,3 милијарди долари за „Classiq“, според извори запознаени со договорот, кои побарале да останат анонимни бидејќи станува збор за доверливи информации. „Intel“ ја објави зделката пред презентацијата на финансиските резултати за третото тримесечје, но не ја откри купопродажната цена. Израелскиот весник „Calcalist“ претходно ја објави вредноста на договорот.
„Intel“, некогаш најголемиот производител на чипови во светот, сака да осигури дека нема да ја пропушти можноста што ја нуди квантната технологија – потенцијално голем нов пазар за полупроводничката индустрија. Извршниот директор Лип-Бу Тан се обидува да ги врати позициите што компанијата ги загуби во однос на конкурентите во областа на пресметувањето со вештачка интелигенција.
„Со здружувањето со ‘Classiq’, нашата група за квантно пресметување се трансформира во бизнис што ќе нуди целосни решенија за квантно пресметување“, изјави Тан. Компаниите очекуваат преземањето да биде финализирано во првата половина на 2027-ма година.
„Classiq“ им нуди на своите клиенти, меѓу кои се „BMW“ и „AT&T“, пристап до специјално развиени алатки со вештачка интелигенција, кои им помагаат да ја проценат практичната корист од квантните технологии во своето работење.
Компанијата досега обезбедила повеќе од 200 милиони долари финансирање и има околу 130 вработени. Таа ќе продолжи да им помага на клиентите да развиваат програмски код што може да работи на различни видови квантен хардвер, вклучително и на уреди произведени од конкурентите на „Intel“.
Квантното пресметување се потпира на манипулација со субатомски честички за да се забрза обработката на податоците. Иако индустријата сè уште е во рана фаза на развој, технологијата привлекува сè поголем интерес од големите технолошки компании, кои бараат предност во однос на традиционалните компјутерски системи. Сепак, огромната сложеност на квантниот хардвер го отежнува неговото пошироко воведување.
Повеќе од една деценија „Intel“ работи на тоа своето искуство во производството на силициумски компоненти да го искористи и во областа на квантното пресметување. Како и другите компании од индустријата, таа смета дека квантните компоненти ќе работат паралелно со традиционалните компјутери, наместо целосно да ги заменат. Компанијата се фокусира на технологија позната како спински кубити.
„Оваа револуција е премин од науката кон инженерството. Кога ќе помислите на инженерство, помислувате на ‘Intel’“, изјави извршниот директор на „Classiq“, Нир Минерби, кој го основал стартапот во 2020-та година.