Како што пренесува „Reuters“, компанијата „Getty Images“, која обезбедува визуелна содржина, планира во САД да поднесе барање за заштита од банкрот според „Поглавје 11“ (Chapter 11) и да ги повлече своите акции од берзата.
Компанијата постигна договор за реструктуирање со своите главни доверители и очекува процесот да заврши до крајот на годината. Забрзаната постапка според „Поглавје 11“ треба да започне во текот на наредните недели.
Оваа одлука доаѓа по пропаѓањето на планираното спојување со конкурентот „Shutterstock“, вредно 3,7 милијарди долари. Спојувањето беше оневозможено поради високото ниво на долг во „Getty Images“ и зголемената конкуренција од слики генерирани со вештачка интелигенција. Договорот пропадна кон крајот на јуни поради регулаторни пречки во Обединетото Кралство.
Од „Getty Images“ изјавија дека реструктуирањето нема да влијае врз нивното работење, вработените, партнерите или добавувачите.
Компанијата обезбедува фотографии и видео материјали за медиуми и деловни субјекти ширум светот, вклучително и покривање на премиери на филмски фестивали и други настани на кои присуствуваат познати личности.
Претходно овој месец, „Shutterstock“ во извештај доставен до американската Комисија за хартии од вредност (SEC) објави дека добил известување за можно повлекување на неговите акции од Њујоршката берза (NYSE), откако цената на акциите падна под 1 долар.
Компанијата пријави загуба од 206,1 милиони долари за 2025-та година.