МАКЕДОНИЈА

Домашно или од маркет – каде е поевтина зимницата?

Мириса на печени пиперки по дворовите и маалата, теглите се вадат од подрумите, а големите тенџериња повторно се во погон. Само што годинава пред да се запали ќумбето, сè почесто се вади и калкулаторот.

Зимницата остана навика во многу македонски семејства, но старата математика според која домашното по правило е поевтино веќе не важи за сè.

Последните податоци од скопскиот Кванташки пазар покажуваат дека ајварката се движи околу 40 до 50 денари за килограм, обичната пиперка од 50 до 60 денари, пиперката банана за туршија околу 50 денари, а корнишоните од 45 до 50 денари. И тоа се големопродажни цени. На зелените пазари, зависно од квалитетот и продавачот, сметката може да биде и повисока.

Токму ајварот најдобро покажува колку се смени есенската пресметка.

Ако за една поголема тегла се потребни околу три до три и пол килограми пиперки, само основната суровина веќе чини сериозна сума. Потоа доаѓаат маслото, кое се продава за околу 95 до 107 денари за литар зависно од марката и маркетот, модриот патлиџан ако се додава, солта, теглите, капаците, дрвата или струјата.

И тука уште не сме стигнале до работата.

Печење, лупење, чистење, цедење, мелење, пржење. Кој правел ајвар знае дека нема „само ќе свариме една тура“. Се почнува наутро, а често се завршува кога веќе никому не му се гледа пиперка пред очи.

„Кога ќе ги додадам маслото, солта, шеќерот и теглата, една тегла ме чини најмалку 400 денари“, вели домаќинка која со години подготвува зимница.

Економистите токму тука ја гледаат ставката која семејствата најчесто ја забораваат. Сопствениот труд обично се пресметува како бесплатен. Ако неколкуте членови од семејството што цел ден печат, лупат и мешаат не си ја пресметаат работата, домашниот ајвар може да изгледа поевтин. Ако и времето добие цена, предноста значително се топи.

Во продавниците, пак, има голем распон. Одделни индустриски производи може да се најдат за нешто над 200 денари за тегла, додека поквалитетните и поголемите пакувања одат и околу 350 денари и повеќе.

Затоа ајварот веќе не е најдобриот пример за зимница што се прави за да се заштеди.
Кај корнишоните, туршијата и мешаните салати пресметката е поповолна. Од десет килограми ситни краставички може да се наполнат околу 23 до 24 тегли, а нема печење, лупење и повеќечасовно пржење. Слично е и со шарената салата. Од околу 12 килограми зеленчук може да се добијат приближно 15 тегли. Тука домашната подготовка сè уште има појасна економска логика.

Тоа го забележуваат и продавачите. Големите есенски набавки, со вреќи пиперки и цели гајби зеленчук, се поретки.

„Не се купува на големо како некогаш. Род има, ама нема кој да купи“, вели продавачка на пазар.

Па наместо 30 тегли ајвар, се прават десет. Наместо зимница за цел подрум, неколку полици. Дел се прави дома, дел се купува кога ќе има акција.

Економската сметка за оваа есен, всушност, не дава еден одговор. Ако зеленчукот е од сопствена бавча, теглите се од лани и трудот не се брои, домашната зимница и натаму може добро да се исплати. Ако сè се купува, а во пресметката влезат и енергијата и часовите работа, особено кај ајварот разликата во однос на готовата тегла станува мала.

Туршијата и корнишоните уште ја држат математиката.

Ајварот, пак, сè повеќе се прави затоа што луѓето сакаат да имаат свој во теглата, а сè помалку затоа што е евтин.

Б.З.М.