КОМПАНИИ

dm засади уште 270 садници во Струмица и Скопје – продолжува раззеленувањето на градинките и училиштата низ земјата

Компанијата dm drogerie markt продолжува со раззеленувањето на образовните установи низ земјата во рамки на иницијативата „Зелена иднина: од градинка до училиште“. Во најновата акција, вкупно 270 садници беа засадени во дворовите на градинката „Виножито“ во Струмица и ОУ „Климент Охридски“ во скопската населба Бутел, со што овие две установи добија ново зеленило и попријатна средина за секојдневните активности на децата и учениците.

Раззеленувањето е дел од заедничката иницијатива на dm и Македонското еколошко друштво (МЕД), насочена кон збогатување на зелените површини во градинките, основните и средните училишта низ земјата. Покрај уредувањето на дворовите, проектот има и едукативна цел – да ја поттикне свесноста кај најмладите за значењето на природата и одговорниот однос кон животната средина.

Акцијата во Струмица и Скопје е продолжение на активностите реализирани во изминатиот период. Во есента 2025 година беа засадени повеќе од 500 садници во четири училишни дворови, додека од јануари до април 2026 година беа засадени над 380 во образовни установи во Банско кај Струмица, Тетово, Куманово, Гевгелија, Охрид и Велес. Активностите продолжија и во октомври годинава, кога 264 нови дрвца беа засадени во Битола, во дворовите на ЈОУДГ „Вангел Мајорот“ и ООУ „Ѓорѓи Сугарев“. Со последната акција во Струмица и Скопје, вкупниот број засадени дрвца во рамки на иницијативата надмина 1.400.

Воедно, dm ги повикува градинките и училиштата да се вклучат во проектот. Конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ е отворен за државните и општинските градинки, основни и средни училишта што сакаат нивните дворови да добијат ново зеленило. Пријавувањето се врши преку платформата „Заедно едни за други“ на dm, на следниот линк за пријавување, а пристигнатите пријави ги разгледува стручна комисија составена од претставници на dm и МЕД.

Со секоја нова акција, „Зелена иднина: од градинка до училиште“ го проширува својот опфат, овозможувајќи сè повеќе деца да растат и учат во позелена средина. Преку соработката со образовните установи и МЕД, dm продолжува да вложува во конкретни активности за заштита на животната средина и создавање подобри услови за идните генерации.