Кинеската компанија „BYD Co.“ планира значително да го зголеми бројот на вработени во Европа, со цел до крајот на деценијата да достигне околу 40.000 работници. Кинескиот автомобилски гигант настојува да се трансформира од обичен извозник во еден од главните производители на автомобили во регионот.
„Посветеноста на ‘BYD’ на Европа е многу длабока и долгорочна“, изјави потпретседателката Стела Ли, која го раководи меѓународното работење на компанијата.
На прашањето за плановите на „BYD“ во однос на вработувањето во Европа, Ли посочи дека бројот на вработени во регионот во 2030-та година ќе биде „над 40.000“. Таа нагласи дека компанијата наскоро ќе има повеќе од 10.000 вработени во Европа.
Со тоа „BYD“ би станала еден од најголемите странски работодавачи во европската автомобилска индустрија. Компанијата, која според пазарниот удел е најголемиот светски производител на електрични возила, ги продлабочува инвестициите во регионот во услови на засилена контрола од европските власти врз кинеските извозници.
„BYD“ планира да вработува луѓе од автомобилската индустрија, но и од други сектори, вклучително и работници кои останале без работа поради отпуштања во европски компании, открива Ли.
Преговорите меѓу Кина и Европската Унија (ЕУ), одржани минатата недела, завршија со постигнување широка рамка на договор, која вклучува ограничувања на бројот на хибридни возила што ќе се увезуваат од азиската земја. „BYD“ сè уште ги проценува последиците од новите ограничувања на ЕУ, бидејќи компанијата нема доволно детали за нив, изјави Ли.
Во меѓувреме, компанијата со седиште во Шенжен е во завршна фаза од подготовките за отворање на својата прва фабрика во Европа, која се наоѓа во Унгарија. Почетокот на сериското производство се очекува во четвртиот квартал.
Стела Ли, потпретседателка на „BYD“ задолжена за меѓународното работење на компанијата. Фото: „Блумберг“
Ли изјави дека „BYD“ размислува и за изградба на фабрика во Франција.
„Многу внимателно ја разгледуваме можноста за отворање фабрика во Франција“, изјави таа, пренесува „Еuronews“.
„BYD“ веќе има добро развиена дистрибутивна мрежа во Франција. Кинескиот производител воспоставил партнерства со големи француски групации, меѓу кои „Bymycar“, „Emil Frey“ и „Bodemer“. Овие дистрибутери се задолжени за продажбата и постпродажното сервисирање на возилата во главните градови во земјата.
На почетокот на годината „BYD“ имала 90 продажни локации во Франција, со кои покривала приближно 60 отсто од територијата на земјата. На тој начин брендот продолжува да го проширува своето присуство на францускиот пазар.