Германската фармацевтска и агрохемиска компанија „Bayer“ ја намали загубата во третото тримесечје во споредба со истиот период минатата година, објави ДПА.
Нето-загубата што им се припишува на акционерите изнесува 672 милиони евра, наспроти 963 милиони евра една година претходно. Загубата по акција изнесува 0,69 евра, во споредба со 0,98 евра во истиот период минатата година.
Добивката на групацијата пред камати, даноци, амортизација и обезвреднување (EBITDA), без вклучување на специјалните ефекти, пораснала за 6,9 отсто, на 1,615 милијарди евра. Основната нето-добивка од континуираните активности изнесува 304 милиони евра, наспроти 480 милиони евра една година претходно. Основната добивка по акција од континуираните активности изнесувала 0,31 евро, во споредба со 0,49 евра во претходната година.
Продажбата на групацијата во третото тримесечје од 2026-та година достигнала 10,05 милијарди евра, што претставува раст од 4,1 отсто во номинална вредност и од 1,9 отсто по корекцијата за валутните флуктуации и промените во портфолиото, во споредба со истиот период минатата година.
Поради подобрите од очекуваните резултати во првите девет месеци од годината, компанијата ја зголеми прогнозата за маржата на EBITDA пред специјалните ефекти на фармацевтскиот оддел за целата година, на ниво од 25 до 27 отсто, во споредба со претходната прогноза од 23 до 25 отсто.
Групацијата сега очекува EBITDA пред специјалните ефекти да изнесува од 9,8 до 10,3 милијарди евра, пресметано со корекција за валутните промени. Претходната прогноза беше од 9,6 до 10,1 милијарди евра.
На затворањето на претходната берзанска сесија, акциите на „Bayer“ на берзата „Xetra“ се тргуваа по цена од 50,02 евра.