Акциите на „Qualcomm“ нагло поевтинија на крајот од берзанското тргување во САД во петокот, откако компанијата објави незадоволителна прогноза за добивката – сигнал дека најголемиот производител на процесори за паметни телефони и натаму се соочува со тешкотии поради повисоките цени на компонентите, објави „Bloomberg“.
Добивката по акција ќе изнесува меѓу 2,15 и 2,35 долари во тримесечјето што завршува на крајот на декември, соопшти компанијата во средата. Средната вредност на овој распон е под просечната прогноза на аналитичарите од 2,32 долари, покажуваат податоците собрани од „Bloomberg“.
При објавувањето на прогнозата, „Qualcomm“ посочи на „широкораспространето зголемување“ на трошоците за компоненти и производство. Како и многу други производители на чипови, компанијата се соочува со повисоки трошоци предизвикани од недостиг во сопствениот синџир на снабдување и недостиг на мемориски чипови – проблеми кои во голема мера се засилени од наглиот раст на побарувачката за опрема за центрите за податоци. „Qualcomm“ ги зголемува сопствените цени за да се справи со кризата.
Оваа прогноза ја засени стабилната проекција за кварталните приходи, поткрепена со навлегувањето на нови пазари. Приходите во претстојниот период ќе се движат меѓу 10,4 и 11,2 милијарди долари, соопшти „Qualcomm“. Аналитичарите очекуваа 10,55 милијарди долари.
Акциите на „Qualcomm“ поевтинија за околу седум отсто во продолженото тргување по објавувањето на прогнозата. До затворањето на берзата, нивната вредност од почетокот на годината беше зголемена за 1,3 отсто.
Од позитивен аспект, побарувачката од производителите на автомобили и опремата за центрите за податоци помага да се надомести забавувањето на пазарот на паметни телефони. Производителите на телефони, кои и натаму се најголемите клиенти на „Qualcomm“, го намалија производството поради растот на цените на мемориските чипови и другите компоненти.
Приходите на „Qualcomm“ во четвртото фискално тримесечје, кое заврши на 27 септември, се намалиле за осум отсто, на 10,3 милијарди долари. Добивката изнесувала 2,17 долари по акција. Аналитичарите прогнозирале приходи од 10,1 милијарда долари и добивка од 2,16 долари по акција.
Извршниот директор Кристијано Амон активно ја проширува деловната активност во области како персоналните компјутери, автомобилската индустрија, мрежните технологии, а во последно време и центрите за податоци. „Qualcomm“ објави дека има големи клиенти за технологиите што се користат во компјутерите со вештачка интелигенција, благодарение на искуството во производството на енергетски ефикасни уреди.
Сепак, инвеститорите остануваат претпазливи, што доведе до пад на цената на акциите во последните месеци. „Qualcomm“ е под притисок на загриженоста дека новите извори на приходи нема да се развиваат доволно брзо за да го надоместат падот во нејзиниот основен бизнис.
Претходно во средата, напорите на „Qualcomm“ за диверзификација на клиентската база добија поттик од „SpaceX“, која планира да ги користи компонентите на компанијата во национална безжична мрежа со земјена инфраструктура.
Засега, пазарот на мобилни телефони и натаму негативно влијае врз резултатите на „Qualcomm“. Приходите од овој сегмент во последното тримесечје паднале за 26 отсто, на 5,14 милијарди долари. Аналитичарите прогнозирале 5,25 милијарди долари.
Уредите поврзани на интернет оствариле приходи од 1,89 милијарди долари, што претставува раст од четири отсто, додека приходите од пазарот на автомобилска електроника се зголемиле за 89 отсто, на две милијарди долари. Двата резултата ги надминале прогнозите на аналитичарите.