Акциите на „EssilorLuxottica“ во средата поскапеа за повеќе од 13 отсто, откако производителот на „Ray-Ban“ ги надмина очекувањата за приходите во третиот квартал. Стабилната побарувачка за главните производи на компанијата – традиционалните очила – ги надмина знаците за забавување на растот во сегментот на паметни очила, објави „Reuters“.
Ова е сигнал дека се намалува притисокот врз најголемата компанија за очила во светот, чии акции изгубија речиси половина од вредноста откако пред една година достигнаа рекордна пазарна капитализација од 149 милијарди евра.
Аналитичарите посочуваат дека падот почнал откако инвеститорите изразиле загриженост за управувањето со компанијата и за нејзиниот нов бизнис со паметни очила, особено во однос на приватноста и очекувањата за продажбата.
Акциите на „EssilorLuxottica“ поскапеа за 13,8 отсто до 13 часот, со што го предводеа растот на францускиот берзански индекс „CAC“. Нивната цена го достигна највисокото ниво од август наваму.
„Изгледите дека паметните очила суштински ќе го променат традиционалниот пазар на очила веројатно и понатаму ќе висат над ‘EssilorLuxottica’ како Дамоклов меч“, коментираат аналитичарите на „Bernstein“ во белешка до инвеститорите.
Бидејќи „Google“, дел од „Alphabet“, планира до крајот на 2026-та година да лансира свои очила со вештачка интелигенција „Gemini“, логично е „EssilorLuxottica“ да заземе претпазлив став во однос на очекувањата за четвртиот квартал, додаваат аналитичарите.
Приходите на француско-италијанската компанија во третиот квартал изнесувале 7,49 милијарди евра, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, кои предвидувале 7,36 милијарди евра.
Сепак, за разлика од претходните квартали, продажбата на паметните очила што компанијата ги произведува заедно со „Meta“ забележала забавување во споредба со повисоките стапки на раст од почетокот на годината. Основниот бизнис на групацијата со традиционални очила и натаму останува главниот двигател на растот.