КОМПАНИИ

А1 Македонија започна деветта сезона на едукативната програма „Кликај безбедно“

Како да препознаат сомнителна порака, зошто личните податоци треба да останат приватни и кому да се обратат кога нешто на интернет ќе ги вознемири? Овие прашања се во фокусот на „Кликај безбедно“, едукативната програма на А1 Македонија, која годинава ја реализира својата деветта сезона. Во рамките на програмата, компанијата денеска им посака добредојде на учениците од четврто одделение од ОУ „Коле Неделковски“ од Скопје.

Посетата беше можност учениците да разговараат за своите дигитални навики и за важноста на внимателното и одговорно однесување онлајн. Преку пристап приспособен на нивната возраст, „Кликај безбедно“ им помага на децата да ја разберат сопствената улога во заштитата на личната приватност и во создавањето побезбедна дигитална средина.

„За децата, интернетот е место за учење, игра и дружење. Нашата одговорност е да им помогнеме да го истражуваат со знаење и самодоверба, но и да препознаат кога треба да застанат и да побараат помош. Со ‘Кликај безбедно’ сакаме да ги охрабриме да поставуваат прашања и да носат промислени одлуки. Деветтата сезона и над 9 илјади обучени ученици се потврда за континуитетот на оваа заложба и за значењето на соработката со училиштата“, изјави Бранкица Толевска, раководителка на Оддел за бизнис трансформација, корпоративна стратегија и корпоративни комуникации во А1 Македонија.

Досега, со програмата се опфатени над 9 илјади ученици од цела Македонија. Со поврзување на училиштата и компанијата околу заедничка образовна цел, „Кликај безбедно“ придонесува дигиталната безбедност да стане дел од разговорите и навиките на децата уште од најрана возраст.

„Дигиталната писменост е важен дел од образованието на секое дете. Покрај тоа што учениците учат како да ја користат технологијата, треба да знаат и како да се заштитат и како да се однесуваат кон другите во дигиталниот простор. Ваквите средби им помагаат да ги поврзат овие теми со ситуации од своето секојдневие. Благодарни сме на А1 Македонија за гостопримството и за можноста нашите ученици да бидат дел од ‘Кликај безбедно’“, изјави Александар Христовски, директор на ОУ „Коле Неделковски“ од Скопје.

Со деветтата сезона на „Кликај безбедно“, А1 Македонија ја продолжува својата долгогодишна посветеност на дигиталната едукација на најмладите, со уверување дека пристапот до технологијата треба да оди заедно со знаењето за нејзино безбедно и одговорно користење.

Со почетокот на деветтата сезона на „Кликај безбедно“, се отвора и пријавувањето за училиштата што сакаат да бидат дел од програмата. Заинтересираните училишта можат да се пријават преку веб-страницата на А1 Македонија и да им овозможат на своите ученици да стекнат знаења и вештини за побезбедно и поодговорно користење на интернет.