Ракометарите на Вардар, во осмото коло во Лигата на шампионите, ќе го пречекаат актуелниот европски првак Барселона. Овие два тима играа и во претходното коло, Вардар во Барселона пружи силен отпор, но не успеа да го избегне минималниот пораз (30:31).
„И да играш добро, не можеш 100 отсто да бидеш сигурен дека ќе ја победиш Барселона“, со овие зборови дуелот против шпанскиот великан го најави вардаровиот тренер Раул Гонзалес.
„Минатата недела против Барселона ние игравме добро, но не и доволно добро за да победиме. Проблем ни беше и тоа што претходно игравме против Веспрем, поради тоа бевме малку уморни. Оваа недела два дена одмаравме и трениравме добро. Мора да бидеме на потребното ниво и во одбраната и во нападот и да ги користиме сите шанси во контранападите. Доколку го направиме тоа, ќе имаме шанса да ја победиме Барселона“.
Инаку на мечот во Барселона вардаровите играчи целосно го запреа Кире Лазаров, кој постигна само еден гол, но немаа решение во одбраната за Тунижанецот Жалуз кој со 12 голови го предводеше својот тим до победата.
„Треба да одиграме онака како што игравме против Киелце. Но против Барселона секогаш е тешко да се игра, никогаш не знаеш кој ќе одигра добро. Таму добро играше Жалуз, но тука можеби добро ќе одигра Лазаров или некој друг играч“, рече на прес конференцијата стратегот на Вардар.
Гонзалес на Барселона нема да може да и се спротивстави со сите играчи, покрај Деревен кого го очекува подолга пауза, најверојатно нема да игра ниту Стоилов и Абутовиќ.
„Не знам дали Стоилов ќе игра, утре ќе решиме дали тој ќе настапи. Абутовиќ има проблеми со повредата, тој тренираше претходните два дена, ама тренираше само 30 отсто. Не сум сигурен дека ќе може да игра, рамото не му е во добра состојба“.
Ракометарите на Барселона, во Скопје, ќе пристигнат во сабота во вечерните часови, а натпреварот ќе се одигра в недела со почеток во 17:45 часот.