Актуелниот НБА шампион, Голден Стејт, делува застрашувачки на почетокот на новата сезона, Стеф Кари и друштвото во ноќта помеѓу понеделникот и вторникот го декласираа Мемфис со 119:69. Покрај играчите на Голден Стејт, ноќта ја одбележа и Леброн Џејмс кој стана најмладиот играч во историјата на лигата кој постигнал повеќе од 25 илјади поени.
Голден Стејт против еден од најдобрите тимови на Западот ја доби третата четвртина со 20 поени разлика, а потоа запиша победа од 119:69. Со оваа победа ’воините’ поставија нов рекорд на франшизата од 20 последовни победи на домашен терен. Стеф Кари со 30 поени беше најефикасен на теренот (10/16 од поле).
Кливленд гостуваше во Филаделфија и предводен од Леброн Џејмс славеше со 107:100. Џејмс постигна 22 поени, на кои придодаде девет скокови и 11 асистенции. Еден од најдобрите играчи на денешницата на овој меч ја мина границата од 25 илјади поени во кариерата.
Сан Антонио победи во „Медисон Сквер Гарден“ во Њујорк (94:84). Како и на претходниот меч и на овој Спарси до победата ги предводеа Ламаркус Олдриџ со 19 и Кави Ленард со 18 поени. Кармело Ентони кај Њујорк постигна 19 поени со лош процент на реализација од поле (4/17).
ЛА Клиперс против Феникс ја забележаа четвртата сезонска победа во исто толку натпревари. Блејк Грифин (22 поени, 10 скокови) и Крис Пол (17 поени, 5 асистенции) го предводеа тимот до победата од 102:96.
Хјустон дури во четвртиот меч стигна до првата сезонска победа. Во дербито Хјустон славеше над Оклахома со 110:105. Џејмс Харден кој одигра под своето реноме на претходните натпревари, против Оклахома постигна 37 поени. Дурент со 29 и Вестбрук со 25 беа најефикасни во тимот на Оклахома кој го доживеа првиот пораз во сезоната.
Првата сезонска победа ја забележа и тимот на Милвоки. Играчите на тренерот Џејсон Кид победија во Бруклин со 103:96. Новиот играч во тимот, кој во летниот преоден рок пристигна од Детроит, Грег Монро со 23 поени и 13 скокови беше најдобриот играч на Милвоки, додека најефикасен беше Џеред Бејлес со 26 поени.