Екипите на Атланта, Сан Антонио, Мајами, Торонто, Чикаго, Оклахома и Далас забележаа победи на натпреварите кои во НБА лигата се одиграа во ноќта помеѓу неделата и понеделникот.
Атланта во Шарлот славеше со 94:92 и стигна до третата сезонска победа во четвртиот натпревар. Кент Бејзмор и Џеф Тиг со 20 односно 18 поени ги предводеа „Јастребите“ до триумфот. На спротивната страна кај Шарлот се истакна Кемба Вокер со 17 поени и по шест скокови и асистенции.
Сан Антонио, предводен од Ламаркус Олдриџ (24 поени, 14 скокови) и Кави Ленард (19 поени), победи во Бостон со 95:87.
Оклахома очекувано славеше над Денвер (117:93). Кевин Дурент постигна 25 поени, Серж Ибака имаше учинок од 18 поени и седум скокови, а Расел Вестбрук зад своето име запиша 15 поени, девет скокови и осум асистенции. Данило Галинари и Вил Бартон постигнаа по 15 поени во поразот на Денвер.
Чикаго во неизвесен натпревар славеше над Орландо со 92:87. Шпанските репрезентативци Пау Гасол и Никола Миротиќ со по 16 поени беа најефикасни во редовите на Чикаго, додека Орладо го предводеше француско-црногорскиот тандем Еван Фурније (19 поени) и Никола Вучевиќ (15 поени, 11 скокови).
ЛА Лејкерси го запишаа третиот пораз во сезоната, откако на домашен терен загубија од Далас (93:103). Ветеранот Дирк Новицки со 25 поени беше најефикасен кај победникот, додека Џулијус Рендл со 22 поени и 15 скокови ги предводеше Лејкерси.
Мајами против Хјустон успеа да надомести негатива од 21 поен и да забележи победа (109:89). Хасан Вајтсајд (25 поени, 15 скокови) и Двејн Вејд (20 поени, 8 асистенции) беа предвоници на Мајами, додека кај Хјустон се истакна Маркус Тортнон со 21 поен.
Торонто ја запиша третата победа во исто толку натпревари откако славеше во дуелот со Милвоки 106:87. Јонас Валанчунас со 19 и Патрик Петерсон со 16 поени го предводеа тимот од Канада.