Владата на Турција го доби правото да ги користи технологијата и агрегатите на „Saab 9-3“, врз основа на кои ќе изгради свој „национален автомобил“, соопштува интернет изданието „Saabplanet“.
„Ние се стекнавме со права на интелектуална сопственост на „Saab 9-3“, без да може да се користи името на шведската марка. Нашиот национален автомобил ќе се произведува под турски бренд. Го избравме „Saab“, бидејќи нивните автомобили користат многу модерни технологии, а освен тоа се комфорни и безбедни “, коментира министерот за индустрија на Турција, Факри Ишик.
Според неговите зборови преговорите за купување на правата на скандинавскиот модел траеле повеќе од 6 месеци. Ишик одби да го соопшти износот кој владата го платила, но прецизира дека „цената е сосема прифатлива“.
Во моментов Турците имаат подготвено три прототипови од новиот модел, а на изглед тие се приближуваат до „Cadillac BLS“ кој ја користи платформата на „Saab 9-3“. Според плановите 85% од компонентите од идниот автомобил ќе се произведуваат во Турција.
Вредноста на целиот проект надминува 1 милијарда долари, а во него учествува и кинеско-шведскиот конзорциум „National Electric Vehicle Sweden“ (NEVS), кој е сопственик на „Saab“.