„Seat“ престана со производството на компактниот модел „Altea“ и на неговата продолжена модификација „XL“, соопштува британското издание „Autocar“. Причината за тоа е ниската продажба на моделот на европскиот пазар.
Компактниот автомобил се појави во 2004-та година и во првата година продажбата беше преголема во однос на очекувањата на производителот. На европскиот пазар беа испорачани речиси 40.000 возила. Најдобро „Altea“ се претстави во 2007-ма година, кога од моделот беа продадени речиси 75.000 примероци.
Потоа сепак, бројките значително почнаа да опаѓаат и во 2014-та година достигнаа до 18.200 единици. Во Велика Британија, на пример, за овој период се продадени едвај 439 возила „Seat Altea“ и 445 примероци на „Altea XL“. Во исто време на Островот беа реализирани над 14.000 продажби на конкурентниот „Ford B-Max“.
Директен наследник на „Altea“ не се предвидува. Наместо тоа во „Seat“ ќе се фокусираат на производство на кросовер во стилот на концептот „20V20“ (на втората слика). Првиот од нив ќе биде конкурент на „Nissan Qashqai“ и ќе се појави следната година.
Во 2017-та година Шпанците ќе пуштат и покомпактен теренец, кој во Европа ќе мора да се натпреварува со „Nissan Juke“.