Како што се наближува франкфуртскиот саем за автомобили, се повеќе производители во јавност ги најавуваат своите нови модели. „Suzuki“ ја објави првата фотографија и техничките детали за хечбекот „Baleno“ кој ќе биде претставен токму на оваа саемска манифестација.
Јапонскиот производител прикажа во Женева две концептни возила како најава на идни сериски модели.
Првиот е новата генерација на автомобилот на „Suzuki“ – „Baleno“, кој ќе има светска премиера на саемот во Франкфурт.
„Suzuki“ и претходно го користеше ова име за компактни модели до крајот на 20-тиот и почетокот на 21-виот век, а фотографијата на автомобилот открива дека станува збор за хечбек со 5 врати, зголемена силуета и помалку конзервативен дизајн.
Спецификациите на возилото не се објавени, но можеме да очекуваме дека „Baleno“ ќе има слични димензии како концептот „iK-2“ кој е долг 4.023 mm, a чие меѓуосовинско растојание изнесува 2.520 mm.
Од „Suzuki“ тврдат дека новиот модел ќе има пространа кабина и нови технолошки решенија, како 1.0-литарскиот „Boosterjet“ турбо-бензинец со директно вбризгување на гориво.
Повеќе информации ќе бидат познати на 15-ти септември кога на авто-саемот во Франкфурт ќе се одржи презентацијата на овој модел.