70 ГОДИНИ СВЕТИЛНИК НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРОСВЕТА И ОБРАЗОВАНИЕ
На 16 април се навршуваат 70 години од основањето на Просветно дело и од објавувањето на првиот Буквар на македонски јазик. Во тој контекст, Просветно дело има длабоко историско-културолошко значење, пред се`заради остварувањето на вековните желби на Македонците за свој јазик, писменост и култура.
Првиот Буквар на македонски јазик е објавен во 1945 година во издание на тогашното Државно книгоиздателство, подоцна познато како Просветно дело. Овој светилник на македонското образование и просвета, формиран со Решение на Президиумот на АСНОМ на 16 април 1945 год. денес го слави својот 70. роденден.
„Просветно дело ја презеде една од најодговорните и најсуштествените задачи на полето на образованието во услови на отсуство на традиција на пишување, издавање и печатење учебници и во недостиг на стручни кадри. Благодарение на ентузијазмот на пионерите во издавачкаата дејност кај нас, со издавањето на Букварот, Граматиката и Правописот беа поставени темелите на македонскиот литературен јазик и на учебникарството“, изјави по повод јубилејот генералниот директор на Просветно дело, м-р Павле Петров.

Неколку наслови од седумдецениската историја на Просветно дело се клучни за македонската култура. Првата печатена книга на македонски јазик, Збирката на македонски народни песни, првите македонски Буквар, Правопис и Граматика, првата преведена книга на македонски јазик – Сердарот од Григор Прличев, Граматиката на македонскиот литературен јазик од Блаже Конески, Правописот на македонскиот јазик со правописен речник, Тротомниот речник на македонски јазик, Историјата на македонскиотн народ и Географијата на Македонија.
Благодарение на Просветно дело, Македонија веќе 20 години е во чекор со светските трендови кога станува збор за издаваштвото за деца. Благодарение на високиот меѓународен рејтинг, оваа издавачка куќа е застапник на издавачките права на најдобрите светски детски лиценцирани изданија: Штрумфови, Дизни, Хелоу Кити, Бен 10, Том и Џери, Скуби Ду, Бетмен, Супермен…
Од 2004 година дел од Просветно дело стана уште еден бренд на македонското издаваштво – Детска радост со најстарите детски списанија Росица, Другарче, Развигор и Наш свет.
Со замирањето на примарната дејност, издавањето учебници, Просветно дело се зацврсти на пазарот како лидер во продажбата на литература за деца и училиштен и канцелариски прибор од неколку врвни европски брендови.
На 70. роденден на Просветно дело и на јубилејот од излегувањето на првиот Буквар, оваа издавачка куќа ќе го објави првиот Звучен буквар на македонски јазик со што ја продолжува традицијата да биде стожер на македонската просвета и образование.