25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочина познатиот филмски деец Љубе Петковски

Почина познатиот филмски деец Љубе Петковски

ljubePetkovski-336x320

Познатиот македонски филмски работник, Љубе Петковски, еден од пионерите на домашната филмска уметност, почина на 91-годишна возраст во Скопје, соопшти во понеделникот Друштвото на филмски работници на Македонија.

„Љубе Петковски, роден во Скопје 1924 година, по девет децении и нешто, од своето Скопје заминува во вечноста како еден од бардовите на македонската повоена кинематографија. тој заедно со ветеранската генерација, режисери, сценаристи, актери, монтажери, камермани, продуценти, во еден од најзначајните уметнички профили на филмската креативност“, се вели во соопштението на ДФРМ.

Како кинематографер, се истакнува во информацијата на филмскиот еснаф, Петковски беше во првите редови на основоположниците на македонската кинематографија, оставајќи зад себе во својот богат опус, многу филмови од кои и добар дел антологиски дела во жанровите на документаристиката и играниот филм, кои ќе останат трајно сведоштво за неговата голема уметничка и творечка личност. филмови со кои сите се гордееме и ќе го имаме во траен спомен, а бројните домашни и меѓународни награди остануваат како потврда за она што тој го оствари во своето уметничко-филмско творештво.

Љубе Петковски го завршил средното училиште во родното Скопје, за по Втората светска војна својата кариера, како млад филмски работник, да ја започне, во тоа рано пионерско време на македонската кинематографија, како асистент на тогаш искусните режисери од поранешните југословенски простори, како Жорж Скригин од Белград, Вјекослав Африќ од Загреб и Франце Штиглиц од Љубљана. Потоа тој професионално се усовршувал во Загреб и во Париз.

Петковски во „Вардар филм“, како еден од неговите основачи, започна како камерман на документаристот режисерот Кочо Недков, во првите уметнички документарци „Техника на народот“ и „Памук“, двата снимени во 1950 година. Оваа двојка подоцна одново се здружува во документарецот „Средновековни фрески”, реализиран во 1957 година.

Меѓутоа, претходно 1955 година станува многу плодна за Петковски кој беше снимател кинематографер во двата етнографски документарци на режисерот Ацо Петровски „Галичка свадба“ и „Дервиши“, како и документарецот „Ритам и звук“ на режисерот Трајче Попов. Во истата 1955-та година, заедно со колегата Бранко Михајловски, како кинематограферски тандем, го снимија партизaнскиот филм „Волчја ноќ“ во режија на гостинот од Словенија, Франце Штиглиц, што по „Фросина“, беше вториот целовечерен игран филм во продукција на „Вардар филм“.

Првичната наклонетост кон документаристичкиот реализам, како кинематографер, Љубе Петковски на најкреативен начин ја демонстрираво неговите два најдобри долгометражни документарни филма во кариерата, лауреатските „Скопје ‘63” на режисерот Вељко Булаиќ, посветен на катастрофалниот земјотрес во Сопје (освојувач на Златниот лав за најдобар документарен филм во Венеција во 1964 година) и „Тулгеш“ на Коле Манев, инспириран од голготата и масовниот егзодус на егејските Македонци во 1948 година, по граѓанската војна во Грција, од страна на грчките фашисти на режимот на Метаксас (освојувач на Големиот златен медал и- Гран при на Белградскиот мартовски фестивал во 1977 година).

Покрај овие два извонредни долгометражни документарни филмови, Петковски  соработува и со режисерот Мето Петровски во неговите два високорангирани лауреатски документарци, „Вранештица“ од 1976 и „Голгота“ од 1979 година, а за вториот на фестивалот во полски Краков го освои признанието Бронзен змев за неговата снимателска креација.

Како дел од високата кинематограферска креативност на Љубе Петковски се и група најуспешни македонски целовечерни играни филмови, како „ Мирно лето“ од 1961 година, првиот игран филм режиран од македонскиот режисер Димитрие Османли, потоа двете историско-епски драми на белградскиот режисер Жика Митровиќ, „Солунските атентатори“ од 1961-ва и „До победата и по неа“ во 1966 година, двата снимени во црно/бела фотографија и ткн wide-screen техника.

Во големиот опус на Петковски се и двата играни филма на режисерот Бранко Гапо, „Време без војна” од 1969 и „Време води“ од 1980 година, две социјално-психолошки драми со критички акцент, во кои Љубе Петковски ја внесува неговата вештина за документаристичка реалност.

Своевиден кинематограферски врв во опусот на Петковски претставуваат и двата наградувани филма  на режисерот Кирил Ценевски, „Црно семе“ од 1971 година, филм своевидно документаристичко сведоштво за страдањата на затворените и убивани македонски партизани од Егејска Македонија, по веќе спомнатата граѓанска војна, филм кој триумфираше на ценетиот на поранешните југословенски простори, па и пошироко, филмски фестивал во Пула, а ја освои наградата Жар птица на Московскиот фестивал, како и историската епска фреска од XI век „Јад“, за кој во 1975 на фестивалот во Пула Љубе Петковски беше награден со Златната арена за најдобра фотографија.

Како бард на македонската кинематографија од редовите на кинематограферите, во 1997 година на 18-от Фестивал на филмската камера во Битола, заедно со колегата Бранко Михајловски, станаа лауреати на Златната камера 300 за животно дело, со што Љубе Петковски заслужено влезе во клубот на великаните на фестивалот Браќа Манаки.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП