Саботната вечер, во рамките на Fashion Weekend Skopje ‘25, модната сцена на Скопје доби нова димензија.
Во Diamond Mall Office Space беше претставена првата колекција на A2atelier – Veil & Reveal – проект што спојува заводливост, мистерија и трансформација.
Колекцијата донесе модели создадени за жени кои играат со својот изглед и ја контролираат својата приказна. Белата француска чипка, со својата суптилна прецизност, ја следеше линијата на телото како тивка тајна, откривајќи се само за оние кои знаат да гледаат.
Скулптуралните додатоци во пролетни нијанси внесоа динамика и раскошност во изгледот – и она што ја направи колекцијата посебна е можноста за трансформација: со еден потег, силниот изглед преминува во нежна сензуалност.
Публиката составена од познати дизајнери, инфлуенсери и јавни личности ја проследи премиерата внимателно, во атмосфера што ја врати модата таму каде што ѝ е местото – на ставот, вкусот и прецизниот избор.

„A2atelier го создадов за жени за кои модата не е само тренд – туку израз на самодоверба, за оние кои ја познаваат својата суштина. A2atelier ја дефинира безвременската елеганција, каде што луксузот е став, а не статус. На македонската модна сцена постои сè поголема потреба за ваков тип префинетост, бидејќи има сè повеќе дами кои знаат како да ја носат елеганцијата. Премиерата на колекцијата Veil & Reveal помина одлично, реакциите се фантастични, а тоа ми дава дополнителен поттик да создавам уште повеќе и подобро“, вели Анастасија Атанасовска, основачка на брендот и моден креатор.
A2atelier се позиционира како бренд за жени кои знаат што сакаат, кои не се плашат да бидат различни и кои со секое свое појавување ја креираат сопствената сцена.
Инаку, A2atelier е млад македонски бренд кој се фокусира на ексклузивни модели, квалитетни материјали и прецизна рачна изработка. Со својата прва колекција, A2atelier најави амбиција да стане препознатлива модна дестинација за префинети дами на македонската сцена.



