16 април, 2025
ПочетнаКУЛТУРАСаем на книгата од 8-14 мај: Оваа година под мотото “Храна за...

Саем на книгата од 8-14 мај: Оваа година под мотото “Храна за Душа”

Оваа година, од 8-14 мај, арената “Борис Трајковски” ќе биде дом на најголемиот настан од културата посветен на книгата, 37-то издание на Саемот на книга. Оваа манифестација традиционално ги привлекува љубителите на пишаниот збор и ќе биде место каде што креативноста, книжевноста и инспирацијата ќе се испреплетат за да создадат незаборавно место на кое може читателите да се посветат на читањето.

Под мотото “Храна за Душа”, Саемот на книга оваа година ветува богата програма која ќе вклучува промоции на книги, разновидни работилници, средби со автори, дискусии и панели, како и попусти и понуди на книги за сите генерации.

Саемот ќе биде место каде што читателите ќе имаат можност да се сретнат со своите омилени автори, но и да ја надополнат својата библиотека со нови изданија и да уживаат во нови книжевни светови. Примарната цел на саемот е да се слави книгата, и да се поттикне љубовта кон литературата и читањето во заедницата. Саемот секоја година привлекува се поголем број реномирани автори, но и научници, а со сето ова се збогатува и литературна сфера на регионот.

“Саемот на книга секоја година претставува исклучителна можност за блиска средба меѓу издавачите, авторите и читателите. Тоа е простор каде што книгите ја добиваат својата вистинска вредност – преку разговори, препораки, интеракција и заедничко уживање во литературата. Оваа година Aнтолог со особена радост ќе ги претстави новите изданија, продолжувајќи ја иницијативата Саемот да добие интернационална димензија. Со сите нови изданија и прекрасни настани се надеваме оваа манифестација ќе остане омилен годишен настан на сите што искрено ја сакаат книгата” сметаат од издавачката куќа Антолог.

Според д-р Наташа Котлар Трајкова, Саемот на книгата за Државниот архив како институција која се грижи за националната меморија и зачувување на националната историја е можност да го презентира документарното наследство кое го чува преку публикациите што ги издава. Во рамките на саемските денови нашите вработени ги запознаваат посетителите со зборниците на документите, монографиите, стручното списание и ја промовираат дејноста на Државниот архив. Промоциите на најновите изданија и средбите со авторите на Саемот се секогаш застапени и посетени од почитувачите на историјата. Со овозможување на специјални попусти настојуваме да ја доближиме нашата издавачка дејност до што поширок круг на читатели. И оваа година очекуваме голем број посетители на нашиот штанд.

Книгата како мост помеѓу генерациите има за цел да ги поврзе луѓето преку љубовта кон книгата. Најмалите читатели ќе имаат можност да учествуваат во најразновидни раскажувачки сесии додека оние повозрасните ќе можат да имаат дискусии со реномирани автори и секој да најде поттик за читање. Посебен акцент ќе биде ставен на литературата што ги обединува традиционалните вредности прикажувајќи ја книгата како вечен извор на мудрост.

Патувањето низ зборови и приказни оваа година ќе биде своевидна авантура низ различни светови со програма која ги опфаќа сите жанрови, од фантастика до поезија, историски романи, детски книги итн. Зборовите имаат моќ да го збогатат светот со идеи и соништа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП