Откако на почетокот на 2014-та го претстави освежениот „Polo“, „Volkswagen“ ја подобри и неговата најмоќна верзија – „GTI“. Најважна иновација е воведувањето на 1.8-литарскиот мотор кој ќе го замени актуелниот 1.4 „TSI“.
Со оглед дека станува збор за редизајн, промените на надворешноста на автомобилот се минимални и се однесуваат на промена на предниот браник и маската на ладилникот и воведувањето на „LED“ фарови.
Во внатрешноста е променет дизајнот на воланот и командите на централната конзола.
Љубителите на овој автомобил веројатно најмногу ќе се интересираат за деталите на погонскиот систем.
Новитет е дека досегашниот 1.4 „TSI“ со 180 ks е заменет со 1.8-литарски турбо-бензинец кој произведува 190 ks и развива максимален вртежен момент од 320 Nm. Tоа е за 10 „коња“ и 70 Nm повеќе во споредба со актуелниот „Polo GTI“.
Соодветно со тоа, подобрени се и перформансите. Времето потребно од мирување да стигне до 100 km/h е намалено од 6.9 нa 6.7 секунди, a максималната брзина е зголемена од досегашните 228 нa 236 km/h.
За оние кои сметаат дека шармот на спортското возење се губи без мануелен менувач, „Volkwagen“ покрај „DSG“ трансмисијата со двојно квачило, повторно понуди и шестбрзински мануелен менувач, кој беше недостапен во актуелниот модел.