26 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗРедизајнираниот Audi A6 (фото)

Редизајнираниот Audi A6 (фото)

A6 avant

„Audi“ ги објави техничките детали и фотографии на редизајнираниот модел „А6“. Покрај малите стилски интервенции, германскиот производител ја подобри и палетата на мотори.

Со оглед дека актуелната генерација на „Audi A6“ во продажба е од 2011-та, компанијата одлучи да изврши мали козметички и механички промени, со цел овој модел успешно да се носи со конкуренцијата во наредниот период.

A6 avant1

Разликите во дизајнот на надворешноста не се значителни, само со внимателна споредба со претходната верзија на „Audi A6“ може да се забележат минимални промени на маската на ладилникот, фаровите, стоп-светлата и браниците.

„Audi“ на купувачите на моделот „А6“ им понуди со доплата да го опремат својот автомобил со „LED“ фарови, кои доаѓаат во комплет со т.н. динамични трепкачи.

A6 avant2

Станува збор за покажувачи на правец кои се состојат од повеќе „LED“ диоди. Кога возачот го вклучува трепкачот, диодите почнуваат да се палат една по друга во низа, дополнително нагласувајќи го правецот на движење на автомобилот.

Најзначајните промени кои се опфатени со редизајнот се однесуваат на моторите. Сите три „TFSI“ бензинци со распон на моќ од 190 ks (140 kW) дo 333 ks (245 kW), како и пет „TDI“ дизел единици од 150 ks (110 kW) дo 326 ks (240 kW) се подобрени за да ги задоволуваат „Euro 6“ стандардите.

A6 avant3

На постоечката палета на мотори и се придружи и економичниот 1.8 „TFSI“ од серијата „Ultra“. „Audi“ тврди дека благодарејќи на овој мотор просечната потрошувачка на моделите „A6“ и „A6 Avant“ изнесува само 5,7 l/100 km, a емисијата на јаглерод-диоксид е 133 g/km.

Покрај штедливиот бензинец, тука е и 2.0 „TDI Ultra“ со 150 ks (110 kW), кој според фабричките податоци просечно троши 4,2 l/100 km и емитува 109 g CO2/km.

A6 avant4

Двата модели со „Ultra“ мотори се опремени со новиот „S tronic“ автоматски менувач.

Понудата на погонски единици опфаќа и подобрен 3.0 „TDI“ во верзија со 218 ks (160 kW) и 272 ks (200 kW), a истиот мотор е достапен и во „bi-turbo“ верзија од 320 ks (235 kW) и 326 ks (240 kW).

A6 avant5

Помоќниот од овие два мотори има „overboost“ опција со чија помош е можно на момент да се зголеми моќта за 20 ks, што е корисно при претекнувањето на друго возило.

Спортските „S“ верзии, „Audi S6“ и „S6 Avant“ под хаубата имаат 4.0 литарски „TFSI bi-turbo V8“ кој произведува 450 ks (331 kW).

A6 avant6

„Audi S6“ до „стотка“ стигнува за 4.4 секунди, додека забрзувањето од 0-100 km/h кај моделот „S6 Avant“ трае 0,2 секунди подолго.

На крај, топ моделот „Audi RS6 Avant“ со 4.0 литарски „TFSI“ мотор извлекува 560 ks (512 kW) што му овозможува на автомобилот од мирувње до брзината од 100 km/h да стигне за само 3.9 секунди, пред да ги достигне максималните 305 km/h.

A6 avant7

„Audi“ ги објави и цените за германскиот пазар. Така основниот модел „A6 1.8 TFSI“ ќе чини од 38.400 eвра, додека „A6 Avant“ со истиот мотор има цена од 40.900 eвра.

Верзијата за сите терени „A6 Allroad quattro“ која е опремена со 3.0 „TDI“ единица може да се купи за 56.650 eвра, a почетната цена за „S6“ изнесува 75.400 eвра. Во врвот на понудата е „Audi RS6 Avant“ кој чини од 108.900 eвра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП