Генералниот секретар на ФИФА, Жером Валке изјави дека се разгледува опцијата да се забрани продажбата на алкохол за време на натпреварите од Мундијалот во Бразил.
Шефот изјави дека е сериозно загрижен од големиот број пијани навивачи кои ги има на стадионите за време на натпреварите од Светското.
„Загрижени сме за навивачите. Алкохолот може да доведе до зголемување на насилството, а тоа е сериозен проблем. Многу е тешко да им се каже на навивачите дека треба да испијат само по едно пиво. На претходните првенства тоа не било проблем. Може да ја забраниме продажбата и да ја затегнеме контролата на влезовите на стадионите“, навести Валке.
Во досегашниот дел од првенството на стадионите во Бразил беа забележани неколку помали проблеми со алкохолизираните навивачи, а поголем инцидент се случи за време на средбата Хрватска-Мексико кога дојде до физичка пресметка меѓу двете групи.