Новајлијата во светот на спортските автомобили, британската компанија „David Brown Automotive“, го претстави својот прв автомобил, преубавиот ретро модел „Speedback“, дизајниран под влијание на „Аston Мartin DB-5“.
Автомобилот е продукт на британскиот бизнисмен Дејвид Браун кој ретро изгледот на својот првенец успеа да го соедини со модерната алуминиумска структура на „Jaguar XKR“, додека моторот е 5.0-литарски „V8“ од „XKR“ со 510KS и погон на задните тркала.
За преносот на моќта е задолжен шестстепен автоматски менувач, а ова модерно возило до „стотка“ ќе стигнува за 4.6 секунди со максимална брзина од 250 km/h.
За елегантните спортски линии на автомобилот беше задолжен главниот дизајнер Алан Моберли, кој исто така се погрижи ентериерот да биде создаден од најдобрите материјали со широка употреба на кожа и рачно изработено дрво.
Компанијата „David Brown“ има во план да произведе околу 50 примероци од овој автомобил на годишно ниво, а засега и натаму не е објавена цената.