15 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИОсигурителните компании лани исплатиле штети од 2,96 милијарди денари

Осигурителните компании лани исплатиле штети од 2,96 милијарди денари

denarii13

Друштвата за осигурување во Македонија во 2013 година исплатиле бруто износ на штети од 2,96 милијарди денари, што во споредба со 2012 година кога по тој основ биле исплатени 3,01 милијарди денари, претставува пад од 1,81 процент, информира денеска на прес-конференција раководството на Здружението за осигурување при Стопанската комора на Македонија.

Поднесени се 148 претставки, односно за 62 повеќе во однос на 2012. Педесет проценти се решени во корист на осигурениците.

– Тоа говори за фактот дека граѓаните стануваат се повеќе информирани за своите права и за начините за алтернативно решавање на споровите, преку кои ќе се избегнат долгите судски процедури, рече Зоран Стојановски, член на Советот на експерти при Агенцијата за супервизија на осигурување.

Податоците на Здружението покажуваат дека лани осигурителниот сектор остварил добивка од 228.092.805 денари, по две години прикажана загуба на ниво на индустрија. Кај друштвата за осигурување на живот загуба во износ од 23.754.343 денари прикажале две друштва за осигурување на живот, а две друштва оствариле добивка од 70.470.878 денари. Кај друштвата за неживотно осигурување, загуба од 151.429.484 денари е евидентирана кај две друштва, а останатите оствариле добивка од 332.796.754 денари.

Според претседателот на Здружението за осигурување, Ило Ристовски, 2013 е година на раст за осигурителниот сектор во Македонија. Остварена е брутополисирана премија БПП во износ од 7,19 милијарди денари, што е за 2,60 проценти повеќе во однос на остварената во 2012 година.

Во делот на осигурување за живот е забележан пораст од 21,96 проценти. Со тоа, според Здружението, првпат во историјата на осигурување во Македонија, осигурувањето на живот ја надмина границата над 10 проценти учество во вкупната БПП на осигурителниот сектор.

– Македонскиот осигурителен пазар има огромен потенцијал за раст. Просечната премија по глава на жител во Македонија изнесува околу 57 евра, а со највисока премија по глава на жител од опкружувањето е Словенија со над 1.000 евра годишна премија, што е една половина од европскиот просек од 2.000 евра, посочи Ристовски.

Од Здружението за осигурување очекуваат годинава да продолжи растот во сегментот на осигурување на живот, како резултат на етаблирањето на странски реномирани друштва за осигурување, развојот на осигурителната култура на населението и препознавањето на бенефитите од тој вид осигурување. Кај неживотното осигурување се очекува зголемување на побарувачката за осигурување, меѓу останатото, и како резултат на директните странски инвестиции и отворањето нови приозводни капацитети.

– Во првата половина од годинава првпат очекуваме друштвата за осигурување да понудат производи во делот на здравственото осигурување, како да се продадат првите полиси за имотно осигурување кои во себе вклучуваат ризици од катастрофи и тоа по многу атрактивни цени и со широк опфат на ризици, најави Стојановски.

Според него, друштвата за осигурување се важни институционални инвеститори на домашниот финансиски пазар, со вкупни вложувања од 8.740.342.639 денари. Главни извори од кои се генерерираат вложувањата се капиталот и техничките средства.

Во 15. друштва за осигурување, информира Стојановски, лани биле вработени 1.569 лица, или за 7.40 проценти повеќе во однос на 2012. Во осигурителната индустрија дополнително се ангажирани и 669 лиценцирани застапници. Исто така, на пазарот има и 334 лиценцирани осигурителни брокери.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП