2 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПромоција на книгата „Надвор од линијата“ од Ивана Тасев

Промоција на книгата „Надвор од линијата“ од Ивана Тасев

knigi2

На 25 декември, во среда, со почеток во 20 часот во Младинскиот културен центар (горно фоаје) издавачката куќа „Галикул“ ќе ја промовира првата книга „Надвор од линијата“ (одбрани разговори) од новинарката Ивана Тасев. Книгата е поддржана од Министерството за култура, воведот го потпишува Гоце Смилевски, а дизајнот е на Бојан Кртолица. Промоцијата спонтано ќе се претопи во забава до полноќ, а за добрата атмосфера ќе се погрижи Ѓорѓи Јаневски со својот музички избор.

Новинарката, годинава одбележа десет години креативна работа во неделното списание „Теа Модерна“, (а 17 години севкупно како новинар), па оттаму и потребата да ги заштити од заборав некои од своите длабоки и искрени пишани дела, кои досега се објавени во тиражниот неделник. Станува збор за интервјуа со веќе добро докажани и звучни имиња од креативната македонска сцена.

„Овие редови, отскокнуваат од линијата на класично интервју и природно се преобразуваат во куси литерарни творби. Текстовите дотолку ги разоткриваат уметниците како личности, нивните форми на изразување, ставови, пориви, доблести, слабости, интимни размисли, нивната чувственост… што прави да се впиваат во еден здив. Тие се печат на едно време. Доказ дека постои плодна и потентна сцена. Сведоштво за варијабилите на уметничка сцена во Македонија, изминативе десетина години. Своевиден уметнички тестамент. Транспарентно огледало на уметничката свест. Затоа што верувам дека постои огромна подземна желба повторно да се воспева убавината. Ова четиво може да биде од  корист и на следните генерации, кои би сакале да го детектираат уметничкиот светоглед на респектибилните уметници од ова време. Бидејќи, ова е книга, како слика на едно време. Достоен стремеж кон светли нешта. Минуциозен поглед навнатре. Манифест за македонска пролет“ вели авторката Тасев.

ivana

Извадок од поговорот на Гоце Смилевски за книгата „Надвор од линијата“:

„Невообичаено е кога една впечатлива личност и појава, каква што несомнено е Ивана Тасев, една од оние кои се забележливи и се издвојуваат веднаш и „од прва“ дури и кога се во мноштво, ја одбира онаа друга позиција, во сенка, која и служи за да фрли светлина на другиот, на соговорникот. Но, секој кој ги имал задоволството и честа да биде интервјуиран од неа, знае и нешто друго: дека таа не е само онаа која заинтересирано и љубопитно поставува прашања, таа е онаа која, секогаш суптилно, ги наведува да навлезат длабоко во настаните и оттаму да не извлечат само фактографија, туку длабоки сознанија. Таа е онаа која, при разговорот, ја руши бариерата, ги бара кулминативните точки, води кон ерупција во одговорите, преку своите размисли, вткаени во прашањата. Инсистира да се зачекори надвор од линијата, од предвидливото и баналното, па оттаму и самиот наслов на книгата е „Надвор од линијата“. Изборот разговори, овозможува приближување до самата Ивана Тасев, тие ги исцртуваат контурите на портретот на својата авторка, тие ја откриваат конзистентноста на нејзините ставови и размисли, јанѕи и радувања, толкувања и промислувања, тие ги бележат и нејзините осцилации, подеми и падови во расположенијата, чувствата и доживувањата, тие ги откриваат нејзините ставови и сомнежи, нејзините љубови и пасии. Оваа книга е еден долг, длабок, прониклив разговор. Разговор со соговорниците на Ивана Тасев, но пред сè, разговор со Ивана Тасев“, вели Смилевски во книгата.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП