Слабата продажба си го зема данокот, „BMW“ размислува да го прекине производството на овие модели.
„BMW“ во следните години би можел значително да ја поедностави својата понуда на модели.
Како што пренесува „Automotive News Europe“, во фокусот на компанијата е преминот кон новата платформа „Neue Klasse“, која до 2027-ма година би требало да биде основа за дури 40 модели.
Поради тоа, одредени автомобили со послаби продажни резултати би можеле да останат без наследници.
Меѓу моделите чија иднина е доведена во прашање е „BMW XM“, моќен хибриден SUV кој не ги постигна продажните резултати што компанијата ги очекуваше.
Слична е ситуацијата и со „BMW Series 8“, луксузно купе кое се продава во релативно мал број примероци.
Како можна жртва на новата стратегија се споменува и „BMW Series 2 Active Tourer“.
Станува збор за еден од ретките преостанати моноволумени на европскиот пазар, сегмент кој во последните години бележи континуиран пад на популарноста.
„BMW“ засега официјално не потврдил дека овие модели ќе бидат укинати, но сè укажува дека компанијата ќе насочи повеќе ресурси кон електричните и попрофитабилните модели базирани на платформата „Neue Klasse“.



