Поддршката на компаниите во воведување на одржливи и енергетски ефикасни практики е фокус на проектот „Забрзување на зелената транзиција за одржлив раст на ММСП“ кој го спроведува Импакт Вајс Солушнс. Тој се спроведува во рамки на проектот „Енергетска ефикасност во градежништво и реновирање“ како дел од програмата RECONOMY – регионална програма за инклузивен и зелен економски развој, финансирана од Swedish International Development Cooperation Agency (Sida), имплементирана од Helvetas Swiss Intercooperation во партнерство со Центарот за Промоција на Одржливи Земјоделски Практики и Рурален Развој – ЦеПроСАРД и други партнери во земјите од Источното партнерство и регионот на Западен Балкан. По тој повод разговаравме со Јасна Пајковска, управителка на компанијата.
Што претставува проектот што го спроведувате и која е неговата главна цел?
Пајковска: Проектот што го спроведуваме претставува интегриран пристап за поддршка на малите и средни претпријатија во процесот на зелена транзиција, со фокус на подобрување на енергетската ефикасност, оптимизација на ресурсите и намалување на оперативните трошоци и емисии.
Неговата основна цел е да им овозможи на компаниите да донесуваат информирани и базирани на податоци одлуки, преку систематска анализа на нивната тековна состојба и идентификација на конкретни, финансиски оправдани мерки за подобрување.
Преку развој на практична консултантска услуга и алатката GreenProfit360, проектот директно одговара на јазот што постои помеѓу потребата на компаниите за применливи решенија и ограничената достапност на структурирани алатки и експертиза на пазарот .
Зелената транзиција ја третираме како стратешки процес, а не како изолирана иницијатива затоа нашиот пристап е системски, базиран на анализа, мерење и креирање на конкретни и имплементабилни решенија кои носат реална економска вредност за компаниите.

Во рамки на проектот спроведовте истражување, какви се резултатите?
Пајковска: Истражувањето покажа дека компаниите имаат реален интерес да воведат зелени практики, но најчесто се соочуваат со три клучни предизвици: недостаток на структурирани податоци, недоволно знаење за тоа каде да започнат и перцепција дека овие инвестиции се скапи.
Од друга страна, она што е многу важно е дека постои значителен потенцијал за заштеди особено во сегменти како енергетска ефикасност, оптимизација на опрема и управување со отпад. Тоа значи дека со правилен пристап, компаниите можат истовремено да ги намалат трошоците и да го намалат својот еколошки отпечаток.
Каде компаниите можат најбрзо да видат резултати и заштеди?
Пајковска: Најбрзите и највидливи резултати најчесто се постигнуваат преку мерки за подобрување на енергетската ефикасност, особено во сегменти како оптимизација на системите за греење и ладење, модернизација на осветлувањето и поефикасно користење на постоечката опрема.

Дополнително, едно од клучните сознанија е дека многу компании немаат воспоставено систем за континуирано следење и анализа на потрошувачката, што значи дека постои „скриен“ потенцијал за заштеди кој може да се активира без значителни инвестиции.
Оттука, првиот и најважен чекор е воспоставување на јасна слика за тековната состојба преку мерење и анализа на потрошувачката, што претставува основа за донесување информирани и економски оправдани одлуки.
Развивте и алатка GreenProfit360 – што претставува таа?
Пајковска: GreenProfit360 е практична Excel-базирана алатка која им овозможува на компаниите на едноставен начин да ги анализираат своите трошоци, потрошувачка на енергија и CO₂ емисии.
Она што ја издвојува е тоа што комбинира технички, финансиски и организациски аспекти во една унифицирана рамка.
Со други зборови, не станува збор само за анализа, туку за алатка која води до донесување на одлуки.

Како конкретно им помага алатката на компаниите?
Пајковска: GreenProfit360 им овозможува на компаниите да ја претворат својата тековна состојба во мерливи и анализирани податоци и да ги споредат со различни сценарија за подобрување.
Преку вградените симулации, компаниите можат да тестираат конкретни мерки како замена на систем за греење, подобрување на изолација, оптимизација на опрема или воведување на обновливи извори и веднаш да го видат нивното влијание врз трошоците, потрошувачката на енергија и CO₂ емисиите.
Ова овозможува јасна квантификација на ефектите од секоја мерка, што значително го намалува ризикот при инвестиции и го олеснува процесот на донесување одлуки.
Наместо одлуки базирани на проценка, компаниите добиваат конкретни, споредливи и финансиски оправдани сценарија, што им помага да ги постават приоритетите и да планираат чекори кон поефикасно и одржливо работење.
Колку зелената транзиција е трошок или инвестиција за компаниите?
Пајковска: Дефинитивно инвестиција. И тоа инвестиција која носи двоен ефект – намалување на оперативните трошоци и зголемување на конкурентноста.
Сè повеќе компании и пазари бараат одговорно и одржливо работење, што значи дека зелените практики веќе не се „додадена вредност“, туку стануваат стандард.
Компаниите што ќе започнат навреме ќе имаат значајна предност.
Како Импакт Вајс Солушнс ги поддржува компаниите во овој процес?
Пајковска: Ние нудиме целосен консултантски пристап. Тоа значи дека работиме со компаниите од идентификација на состојбата, преку анализа и користење на алатката, до креирање на конкретни препораки и план за имплементација. Нашата цел е решенијата да бидат директни, применливи и финансиски оправдани.
Што би им порачале на компаниите кои сè уште не започнале со зелена трансформација?
Пајковска: Најважно е компаниите да не го одложуваат процесот во очекување на „совршени услови“. Зелената транзиција не започнува со големи инвестиции, туку со јасно разбирање на тековната состојба и со мали, но стратешки насочени чекори базирани на податоци.

Компаниите кои ќе започнат навреме имаат можност постепено да ги оптимизираат своите процеси, да ги намалат трошоците и да изградат долгорочна конкурентска предност. Затоа, препораката е да се започне веднаш со анализа, мерење и идентификација на приоритетите бидејќи зелената трансформација не е само одговорност, туку и реална деловна можност.
Импакт Вајс Солушнс продолжува да работи на развој на практични решенија кои им помагаат на компаниите да станат поефикасни, поконкурентни и одржливи, со јасна визија за поддршка на зелената економија во земјата.
Пајковска појасни дека Импакт Вајс Солушнс ДООЕЛ е консултантска компанија со седиште во Скопје, која работи во областа на развој на бизниси, поддршка на мали и средни претпријатија, зелена транзиција, социо-економски развој и поддршка на маргинализирани групи. Компанијата нуди практични и иновативни решенија кои им помагаат на организациите да ги подобрат своите перформанси, да ги намалат трошоците и да станат поконкурентни на пазарот.



