Додека „Volkswagen“ и „Xpeng“ соработуваат на развој на нови електрични автомобили за кинескиот пазар, нивното партнерство не спречува тивко соперништво во Европа.
Кинескиот производител „Xpeng“ ја започна својата европска офанзива со „P7+“, електричен седан кој отворено се насочува кон еден од најпродаваните електрични модели на Стариот континент – „Volkswagen ID.7“.

„Xpeng P7+“ веќе е присутен на кинескиот пазар, но е значително адаптиран за Европа.
Европската верзија беше претставена на почетокот на месецот на Саемот за автомобили во Брисел, а производството е доверено на „Magna Steyr“ во Грац, Австрија.
Продажбата низ Европа започнува во април.

Како и „ID.7“, тоа е аеродинамичен, ниско поставен седан со фокус на автономија и брзо полнење со еднонасочна струја.
Пониска цена, но и помала батерија

Една од главните предности на „Xpeng“ е неговата цена. Во Германија, основната верзија на „P7+“ чини 43.600 евра, што е значително помалку од почетната цена на „Volkswagen ID.7“, која е 54.105 евра.
Сепак, пониската цена носи и компромис – основниот „P7+“ користи батерија од 62 kWh, што му обезбедува опсег од 455 km според WLTP циклусот. „ID.7“ во почетната верзија има батерија од 77 kWh и опсег до 619 km.

Купувачите на кои им е потребен поголем опсег можат да го изберат „P7+ Long Range“ со батерија од 75 kWh и автономија од 530 km, по цена од 49.600 евра.
Сепак, дури и таа верзија не може да се натпреварува со „Volkswagen ID.7 Pro S“, кој со батерија од 86 kWh нуди опсег од 708 km.
Побрзо полнење како клучна предност

„Xpeng“ особено ја нагласува можноста за ултра брзо полнење. „Додека ID.7“ поддржува DC полнење до 200 kW, основниот „P7+“ оди до 350 kW, а верзијата со поголема батерија дури и до 446 kW.

Според Свен де Смит, директор за бренд и маркетинг на „Xpeng Europe“, помалата и полесна батерија не само што се полни побрзо, туку има и позитивен ефект врз потрошувачката на енергија, управувањето и карактеристиките на возење.
Ова би можело да им се допадне на европските купувачи, кои честопати даваат приоритет на ефикасноста и динамиката на возење.
Партнери, но и конкуренти

Останува да се види дали „P7+“ може да ја загрози позицијата на „Volkswagen ID.7“, кој минатата година продаде 76.368 единици во Европа и заврши меѓу десетте најпродавани електрични автомобили.
„Xpeng“ влегува во оваа борба како предизвикувач, но на исклучително конкурентен пазар.

Интересно е што „Volkswagen“ поседува пет проценти од акциите во „Xpeng“, по инвестиција вредна 700 милиони долари.
Двете компании заеднички развиваат нови електрични модели за Кина, а „Volkswagen“ исто така планира да користи дел од технологијата на „Xpeng“ во идните возила.



