„UBS Group“ планира да им овозможи на некои од своите клиенти за приватно банкарство инвестирање во криптовалути, објави „Bloomberg“. Тоа би можело да биде значаен чекор кон дигитални средства за најголемиот светски менаџер на богатство.
Швајцарскиот банкарски гигант, кој на 30-ти септември управуваше со средства од околу 4,7 трилиони долари, е во процес на избор на партнери за крипто потфатот, велат луѓе запознаени со ова прашање, зборувајќи под услов на анонимност. Дискусиите траат веќе неколку месеци и „UBS“ не донел конечна одлука, велат тие.
Првично, „UBS“ ќе им дозволи на одбрани клиенти за приватно банкарство во Швајцарија да купуваат и продаваат биткоин и етер, рече еден од луѓето. Понудата потоа би можела да се прошири на пазари како што се Азиско-пацифичкиот регион и САД.
Нудењето пристап до криптовалути е значајна промена за „UBS“, која е повнимателна во врска со виртуелните токени. Во меѓувреме, конкурентите на Волстрит, како што се „JPMorgan Chase“ и „Morgan Stanley“, ги прошируваат своите бизниси со дигитални средства откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа, вршејќи притисок врз „UBS“ да го следи примерот.
Овој потег на „UBS“ е делумно одговор на растечката побарувачка за дигитални средства од богати клиенти, изјави извор.
„Како дел од стратегијата за дигитални средства на ‘UBS’, активно ги следиме случувањата и истражуваме иницијативи што ги одразуваат потребите на клиентите, регулаторните случувања, пазарните трендови и робусните контроли на ризикот“, изјави портпарол на „UBS“.
Како и многу други глобални банки, „UBS“ досега ги фокусираше своите напори за дигитални средства на градење инфраструктура базирана на блокчејн за услуги како што се токенизирани средства и плаќања. Големите заемодаватели генерално беа побавни во влегувањето во области како што е тргувањето со криптовалути, главно поради правилата за капитал според рамката Базел III.
Соединетите Американски Држави ги предводеа повиците за промени. Во ноември, Базелскиот комитет изјави дека ќе го забрза прегледот на некои елементи од своите правила за крипто средствата на банките, потенцијално отворајќи го патот за нови иницијативи од страна на заемодавателите.
Во ноември 2023-та година, „UBS“ го направи тргувањето со фондови тргувани на берза (ETF) за криптовалути достапно за богати клиенти во Хонг Конг, придружувајќи се на конкурентите како што е „HSBC Holdings Plc“.
Поранешниот претседател на „UBS“, Аксел Вебер, поранешен централен банкар, долго време е „бејкинг“ во однос на криптовалутите. Кон крајот на 2021-ва година, кратко откако биткоинот достигна нов рекорд, тој рече дека концептот на анонимни плаќања „нема да преживее“.



