3 мај, 2025
ПочетнаТЕХНОЛОГИЈАTikTok казнет со 530 милиони евра за несоодветна заштита на корисничките податоци...

TikTok казнет со 530 милиони евра за несоодветна заштита на корисничките податоци во ЕУ

Ирската Комисија за заштита на податоци (DPC), водечкиот регулатор за приватност на Европската Унија, го казни TikTok со 530 милиони евра (околу 600 милиони долари) поради загриженост за тоа како платформата ги штити информациите на корисниците.

Регулаторот му наложи на TikTok да престане да пренесува податоци во Кина доколку обработката на податоци не се усогласи со законите на ЕУ во рок од шест месеци, објави Ројтерс.

Комисијата за заштита на приватноста (DPC) соопшти дека TikTok, кој е во сопственост на кинеската компанија ByteDance, не успеал да покаже дека личните податоци на корисниците од ЕУ – до кои членовите на персоналот пристапуваат од далечина од Кина – се заштитени на високото ниво што го бара законот на ЕУ.

Платформата, популарна особено меѓу тинејџерите и со 175 милиони корисници низ цела Европа, според регулаторот не го решила прашањето за потенцијален пристап до податоци од страна на кинеските власти, особено во контекст на законите за контрашпионажа кои значително се разликуваат од европските стандарди.

„TikTok“ соопшти дека остро ја оспорува одлуката на регулаторот и дека веќе ја користи правната рамка на ЕУ, вклучувајќи ги и таканаречените стандардни договорни клаузули, за да овозможи строго контролиран и ограничен пристап до податоци. Компанијата планира да поднесе жалба на одлуката.

Тие исто така изјавија дека одлуката не ги зема предвид безбедносните мерки воведени во 2023 година, кои вклучуваат независно следење на далечинскиот пристап и складирање на податоци на корисниците од ЕУ во специјално одредени центри во Европа и САД.

„TikTok никогаш не добил барање од кинеските власти за пристап до кориснички податоци од ЕУ, ниту пак некогаш предал такви податоци“, се вели во соопштението на компанијата.

Регулаторот, исто така, откри дека, иако TikTok тврдеше за време на четиригодишната истрага дека не ги складира податоците на корисниците од ЕУ на сервери во Кина, во февруари оваа година откри дека мала количина на податоци е привремено складирана во Кина – но подоцна избришана.

„DPC ги сфаќа овие информации многу сериозно и размислуваме за понатамошни регулаторни мерки“, рече заменик-комесарот Греам Дојл.

Ова е втор пат TikTok да биде казнет од Комисијата за заштита на потрошувачите – претходната казна беше 345 милиони евра во 2023 година за кршење на прописите поврзани со обработката на податоци на деца и малолетници.

Како водечки регулатор на ЕУ за големи технолошки компании со регионално седиште во Ирска, Комисијата за заштита на податоци (DPC) исто така казнува компании како што се „Microsoft“, „LinkedIn“ и „Meta“ од 2018 година, благодарение на овластувањата според Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR).

Според GDPR, регулаторот може да изрече казни до четири проценти од вкупниот глобален приход на компанијата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП